Поминавме повеќе од четири недели заедно рамо до рамо, на терен, разговарајќи искрено за нашите заеднички грижи, соништа и потреби. Во оваа кампања не зборував само за политики и бројки, туку за луѓето. За вас.

Секој човек во Кочани заслужува подобар живот, почиста и побезбедна средина, повеќе можности и достоинствен стандард. Мојата визија беше и останува Кочани за сите, град на проекти, на развој, на надеж, вели кандидатот за градоначалник поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Владко Грозданов.

Посочува дека неговата визија е град каде што институциите работат за граѓаните, а не за лични интереси.

-Благодарен сум што имам целосна поддршка од Владата за реализација на бројни проекти кои ќе донесат нова енергија, нови инвестиции и подобри услови за живот. Но уште поважно како ваш иден градоначалник, ветувам дека сè што е во рамките на локалната самоуправа ќе биде насочено кон промени кои ќе се чувствуваат: конкретно, одговорно и чесно.

Никогаш нема да заборавиме на трагедијата што не потресе. Таа нека ни биде опомена, но и поттик да не дозволиме никогаш повеќе такво нешто да се повтори. Со поддршка од Владата и со мојата лична посветеност, ќе направиме сè што е потребно за да го заштитиме животот и достоинството на секој граѓанин.
Во меѓувреме, сакам да се осврнам и на неодамнешни наводи дека сум „бегал“ од предизборни соочувања.
Тоа едноставно не е точно.

Доказ за мојата отвореност и посветеност на транспарентна кампања се двете реализирани предизборни соочувања на кои учествував заедно со противкандидатот Крстевски – на ТВ Кочани и Канал 77.

Моја цел беше медиумското претставување да биде одмерено и содржајно, а не пренападно и агресивно, бидејќи граѓаните имаат повеќе од доволно можности да се запознаат со програмите на сите кандидати.
Верувам дека граѓаните на Кочани се зрели, информирани и способни да ја донесат својата одлука без потреба од медиумска бучава во завршницата на кампањата.

Јас не дозволив и нема да дозволам, Кочани повторно да се врати назад. Моја должност е да бидам глас на вистината и чувар на јавниот интерес. И во наредните четири години ќе останам посветен на тоа чесно, одговорно и транспарентно.

Кочани заслужува повеќе. Кочани заслужува вистинска промена со срце, со визија и со дело. Заедно можеме и затоа во последните денови од оваа кампања ќе продолжам соодветно да ги промовирам проектите кои ги нудиме.

Убеден сум дека граѓаните на 2 ноември ќе го направат вистинскиот избор, изборот за иднина, за стабилност и за Кочани што чекори напред, нагласува Грозданов.