Кога сме кај безбедноста во Градот Скопје, прво кај кучињата скитници, ќе има соодветен третман и проширување на капацитетите на Лајка. Нема да градиме нови стационари на други позиции. Во рамки на Вардариште и мега паркот којшто ќе го градам таму, ќе биде предвидено и зголемување на капацитетите на Лајка, секако, доколку граѓаните ми ја дадат поддршката и довербата да го водам градот, рече на вечерашниот телевизиски дуел на Канал 5 телевизија, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Посочи дека Градот Скопје има и одредени аномалии поврзано со осветлувањето и тука ќе треба брзо и презицно да се реагира, а ќе следи и поставување столпчиња и ослободување на сите зони за пешачење, особено на тротоарите, особено во централно градско подрачје и така натаму.
„Предвидуваме безбедни зони пред сите објекти од јавен карактер којшто ги вклучуваат пред сè училиштата, дали се средни, дали се основни или пак градинки. Безбедна зона е ограничување на движењето пред сите тие објекти и дополнително обезбедување на слободен проток пешаците таму, што до сега го нема кај тие објекти и до сега требало да биде направено“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски понатаму зборуваше и за решавањето на проблемот градскиот паркинг, при што истакна дека во изборната програма предвидува изградба на катни и монтажни гаражи.
„Поврзано со градскиот паркинг, што генерално е еден од најголемите проблеми на Скопје, предвидуваме на две позиции, изградба во центарот на градот катни гаражи, едната во Капиштец другата наспроти Кале. А на повеќе позиции, меѓу кои Карпош, Чаир, Кисела Вода и останатите општини предвидуваме монтажни паркинзи, затоа што ние треба да имаме микролокации за истите“, истакна Ѓорѓиевски.




