Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе присуствува на отворањето на осмото издание на Парискиот мировен форум којшто годинава се одржува на тема „Нови коалиции за мирот, луѓето и планетата“.

Таа, како што информираат од нејзиниот кабинет, ќе говори на сесијата „Важноста на регионалната соработка на Балканот за идните генерации“, на која ќе се дискутира – како подлабоката регионална соработка може да создаде конкретни можности за младите преку заеднички инвестиции во образованието, мобилноста, иновациите и социјалната инклузија.

На сесијата ќе се разгледа и прашањето како ангажманот на младите може да стане столб на демократската обнова и интеграцијата во Европската Унија.

Претседателката ќе присуствува на вечерата, којашто во чест на високите гости на Парискиот мировен форум, ќе ја приреди претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.

Парискиот мировен форум, основан во 2018 година, e меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка.