Роналдо го наруши мирот во Реал Мадрид после финалето од Лигата на шампионите со изјава дека „му било убаво во Мадрид“. Па кажа дека не требало да го изјави тоа, па на навивачите им порача „се гледаме следната година“.
А потоа молк и шпекулации. Кристијано отиде со репрезентацијата, а медиумите нагаѓаат околу неговата иднина.
Радиото Кадена КОПЕ објави дека Роналдо на клубот му порачал дека е спремен да остане и да ја заврши кариерата во Реал, потпишувајќи договор до 2024 година, кога би имал 39 години. Но, бара неверојатна плата од 75 милиони евра годишно. Според важечкиот договор кој истекува во 2021 година, Роналдо заработува 42 милиони евра годишно. А во случај летово да го потпише новиот договор, под своите услови, Реал во наредните шест години ќе треба да му исплати 450 милиони евра.
И додека останувањето на Роналдо е неизвесно, Реал е во потрага на нов тренер. Од клубот нема да брзаат, а последниот кој го контактирал Флорентино Перез е тренерот на Јувентус, Макс Алегри, кој пак го одбил кралскиот клуб.