Движењето Самоопределување (ВВ) ги објави денеска на прес конференција резултатите на истражувањето на јавното мнение, според кое личност која е најпосакувана за премиер на Косово е токму лидерот на оваа опозициска партија, Албин Курти, јави МИА од Приштина.
Според резултатите на истражувањето, спроведенo по нарачка на ВВ, 19,7 отсто од анкетираните го претпочитаат Курти за премиер, следи лидерот на Демокраската партија на Косово (ПДК), собранискиот спикер Кадри Весели со 15,8%, потоа лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), премиерот Рамуш Харадинај со 14,9%, додека поранешниот премиер, актуелен лидер на најголемата опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа, на чело на егзекутивот сакаат да го видат 13,2% од анкетираните.
Потпретседателот на ВВ Бесник Бислими, кој ги презентира податоците, рече дека водачите на државната делегација за преговори со Србија се најмалку подобни за да ја водат косовската Влада. Така, за лидерот на Социјалдемократската партија (ПСД), градоначалникот на Приштина Шпенд Ахмети гласале 4,4, додека за оној на Социјалдемократската иницијатива (Нисма), вицепремиерот Фатмир Лимај 4,3 отсто од анкетираните. За претседателката на партијата Алтернатива Мимоза Кусари – Лила гласале 2,5 отсто, а за вицепремиерот и лидер на Алијансата Ново Косово (АКР) Беџет Пацоли 1,4 отсто од испитаниците.
Доколку би се одржале сега избори, според оваа анкета, за ЛДК би гласале 27,1 отсто, за ВВ 22,6, за ПДК 20,5, за ААК 12,6 и за Нисма 6,3 отсто од испитаниците. Останатите партии не би го надминале прагот за влез во Собранието.
– Кога ќе се преведе ова во пратенички мандати, испаѓа дека ВВ и ЛДК би добиле заедно 56 места, додека другите политички субјекти 44 места во Собранието.Ова е значајно за да се види колкава е бројката на граѓаните кои преку своите избраници во Парламентот не го поддржуваат начинот на кој што се води дијалогот и не го поддржуваат преговарачкиот тим, рече Бислими.
Преостанатите 10 места во 120-членото Собрание на Косово би припаднале на претставниците на косовските Срби.
Анкетата е спроведена во периодот од 11-18 декември, од страна на агенцијата УБО Консалтинг, а со неа се опфатени 1.070 лица постари од 18 години.