Премиерот на Пакистан Шехбаз Шариф денеска ја истакна трајната и нераскинлива поврзаност на Пакистан, Азербејџан и Турција, опишувајќи ги овие три земји како „браќа чии срца чукаат заедно“, јавува Анадолија.
Обраќајќи се на церемонијата во Баку по повод одбележувањето на петгодишнината од Денот на победата на Азербејџан, Шариф го пофали присуството на пакистанските и турските контингенти кои маршираа заедно со азербејџанските сили, нарекувајќи го тој момент „горда и блескава глетка“ која го симболизира нераскинливото пријателство меѓу братските народи.
„Пакистан, Азербејџан и Турција – тројца браќа чии срца чукаат заедно – денеска се тука, заедно со нашата браќа од Обединетите Арапски Емирати, рамо до рамо, одбележувајќи го овој значаен настан“, порача Шариф.
Тој потсети и на четиридневниот конфликт меѓу Пакистан и Индија во мај годинава, заблагодарувајќи им се на Турција и Азербејџан за поддршката што му ја пружија на Исламабад во тешките моменти.
– Целиот свет беше сведок како големиот народ и одлучното раководство на Азербејџан и Турција цврсто застанаа покрај Пакистан за време на четиридневната војна со Индија, рече Шариф.
Тој, исто така, ја пофали победата на Азербејџан во Карабах како „славна потврда на праведната цел“ и „светилник на надежта за народите кои се борат за суверенитет“, вклучувајќи го, како што наведе, народот на Газа и жителите на Кашмир администриран од Индија.
Поголемиот дел од регионот Карабах, кој речиси три децении беше под ерменска контрола, беше вратен за време на 44-дневната војна во есента 2020 година, што заврши со договор за прекин на огнот со посредство на Русија, со што беше отворен патот за нормализирање на односите со Ерменија.
На 8 ноември, како што наведува Анадолија, азербејџанската војска го ослободи градот Шуша, а потоа со претседателски декрет тој ден беше прогласен за Ден на победата.
Првично, Денот на победата требаше да се одбележува на 10 ноември, на денот на завршувањето на Втората карабашка војна, но датумот беше променет бидејќи се совпаѓа со годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција.




