Илјадници војници, ветерани и граѓани денеска се собраа во Лондон каде што кралот Чарлс Трети ја предводеше годишната британска церемонија за загинати во војни.
Кога Биг Бен одбележа 11:00 часот, толпата одржа две минути молчење, прекинато со пукање од артилериски вод и свирење на последен поздрав за загинатите во војната.
Кралот, облечен во униформа на фелдмаршал, положи венец од црвени булки во подножјето на споменикот Кенотаф во близина на Парламентот. Споменикот, подигнат пред повеќе од еден век во чест на британските и сојузничките трупи кои загинале во Првата светска војна, стана место на годишните церемонии за припадниците на војската и цивилните служби кои загинаа во таа и војните по неа.
Националната церемонија за сеќавање се одржува секоја година на денот недела најблиску до годишнината од крајот на Првата светска војна на 11 ноември 1918 година во 11:00 часот. Слични служби се одржуваат во десетици градови низ Велика Британија и во британските воени бази во странство.
Воен оркестар свиреше додека престолонаследникот Вилијам положи венец пред споменикот по неговиот татко. Други членови на кралското семејство го следеа примерот, вклучувајќи го и најмладиот брат на кралот, принцот Едвард, но не и поранешниот принц, Ендрју Маунтбатен Виндзор, на кого кралот му ги одзеде титулите минатиот месец и го исфрли од кралската палата поради неговите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
Венци положија и британскиот премиер Кир Стармер и други политички лидери и дипломати од земјите на Комонвелтот.
Кралицата Камила, принцезата од Велс и други членови на кралското семејство гледаа од своето традиционално место на балконот на Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој.
Многу од венците беа од булки, а повеќето од присутните носеа булки на реверите. Цветот е симбол на сеќавање во Велика Британија и во многу други земји. (МИА)




