Реконструкција на постоечкиот Клинички, изградба на целосно нов здравствен комплекс на нова географска положба или локациски новиот клинички центар да да се префрли кај градската болница „8 Септмеври“ – ова се трите опции кои што се во игра за нов Клинички центар во Скопје – најави министерот за здравство Азир Алиу. Конечното решение за да се финишира проектот ќе го имаат експертите од ресорното министерство и стручен кадар кој ќе направат анализи каде би се градел најголемиот комплекс во Македонија.

“Во моментот се размислува помеѓу постоечкиот Клинички клинички центар – инфраструктурно и други можности. Една од нив е градење на потполно нов клинички центар во нова географска положба. И третиот момент е „8 Септември“, значи да се гради комплекс таму каде што ќе се префрли целиот Клинички центар како таков кај „8 Септември“. Сепак, ова е ептен многу рана фаза” вели министерот за здравство, Азир Алиу.

Изминатите 10-тина години постоеа повеќе идеи за локации за нов Клинички – во близина на Бардовци, на излезот од Скопје во Ѓорче Петров или на просторот на касарната „Илинден“ но според новите три опции кои ги кажа Алиу, очигледно овие идеи излегуваат од игра.

Министерот вели дека потребна е голема претпазливост кога ќе се креира новиот Клинички, да не “трпи” Медицинскиот факултет односно студентите, но важен е и инфраструктурниот и финанискиот дел.

“Знаете дека Клиничкиот центар е блиску поврзан со факултетот заради тој „рисрч“ ориентиран момент. Така што сме претпазливи кога ќе се креира новиот Клинички центар да не трпи ниедна од овие три гранки. Едно од решенијата што ги разгледуваме е „8 Септември“. На крајот еве работната група и експертите ќе ги ценат и пристапот и инфраструктурата, но исто така и финансискиот момент дали „8 Септември“ останува крајна дестинација за Клинички центар. Ние сме отворени, ќе ги слушнеме експертите и нивното мислење” изјави Алиу.

И премиерот Хирстијан Мицкоски неодамна кажа дека според неговите проценки “8-ми септември” е идеална локација за Клинички центар затоа што околу него има три булевари,гасна и собраќајна поврзаност но сепак, остави и експертите да си го кажат своето мислење.

За осум години, се сменија седум министри за здравство, имаше шест локации во игра и 6 фирми изведувачи, но наместо нов Клинички центар, претходната Влада на СДСМ и ДУИ ја остави Македонија со обврска да плаќа пенали за она што требаше само да го спроведе.

Засега од сите најави и ветувања резултатот е еден – 8.5 милиони евра кои треба да и се платат на италјанската компанија зашто екс министерот за здравство Венко Филипче го раскина договорот потпишан од неговиот претходник Никола Тодоров.

Од 2009 досега на сите министри за здравство приоритет им беше нов клинички комплекс, но никој не удри темели.

ТВ АЛФА