Со голема чест и чувство на одговорност денеска ја преземам функцијата градоначалник на нашиот град Кичево. Оваа должност не ја гледам како привилегија, туку како обврска, обврска пред Вас, граѓаните, да работам посветено, транспарентно и во интерес на сите, посочи доктор Александар Јовановски, новиот градоначалник на Кичево.

-На самиот почеток сакам искрено да му се заблагодарам на досегашниот градоначалник, Фатмир Дехари, за неговиот долгогодишен ангажман и придонес. Почитта кон сработеното е темел на секој напредок, а континуитетот и соработката се клучот за идни успеси. Нашиот град има потенцијал, има вредни луѓе и има визија за подобра иднина. Мојата цел е да изградиме локална самоуправа која ќе биде блиска до граѓаните, отворена за идеи и решенија, и која ќе ги слуша сите, без разлика на политичка, етничка или верска припадност, сите се поддеднакво важни, посочи тој.

Јовановски верува дека со заедничка работа, искрен дијалог и посветеност ќе создаде поубав, поправеден и поуспешен град за сите кичевчани и за идните генерации.

-Нека е аирлија, да продолжиме напред заедно, за мене како што знаете поделбите не постојат, она по што ќе се водиме е достоинствен живот за сите, истакна тој.