Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во ексклузивно интервју за весникот „Гардијан“, изјави дека не се „плаши“ од американскиот претседател Доналд Трамп, за разлика од другите западни лидери, и ги отфрли извештаите дека нивната последна средба во Вашингтон била тензична.
Зеленски опиша дека имаат „нормални“, „деловни“ и „конструктивни“ односи со американскиот претседател. Во интервјуто, кое двапати беше прекинато поради прекин на електричната енергија во претседателската палата предизвикан од руски напади, тој исто така откри дека Кралот Чарлс имал клучна улога во изградбата на односите со Трамп.
Украинскиот претседател ги отфрли тврдењата дека Трамп, на нивната средба во Белата куќа во октомври, фрлал мапи од боиштето во жестока расправија. – Ништо не фрли. Сигурен сум, рече Зеленски. Тој негираше и дека Трамп го притискал да прифати максималистички услови на Владимир Путин за завршување на војната, како што објави „Фајненшл тајмс“.
Зеленски истакна дека украинската делегација поставила три барања пред Трамп, презентирајќи последователни мерки, вклучувајќи оружје и економски санкции, кои би ја „ослабнале“ Москва, со цел да се намали способноста на Русија да ја бомбардира Украина и да се принуди Путин на преговарачка маса.
Зборувајќи од претседателската палата во Киев, Зеленски рече дека „светот се плаши од Трамп“ и дека тоа е вистина. На прашањето дали тоа важи и за него, тој одговори: „Не. Ние не сме непријатели со Америка. Ние сме пријатели. Па зошто би се плашеле?“
Тој откри дека за време на државната посета на Велика Британија во септември, Трамп имал состанок еден на еден со кралот Чарлс. – Не ги знам сите детали, но разбирав дека Неговото Височество испрати некои важни сигнали до претседателот Трамп, рече Зеленски. Тој додаде дека Трамп го почитува кралот и го смета за „многу важен“, а кралот Чарлс е некој што „многу ја поддржува“ Украина.
Интервјуто се одржа по разорните руски удари врз енергетскиот систем на земјата. Во текот на разговорот, електричната енергија двапати беше во прекин. Зеленски на тоа одговори со благ сарказам: „Ова се нашите услови за живот. Нормално е. Имаме флуктуации на струјата во Киев, како и насекаде на друго место“.
Тој нагласи дека Русија повеќепати ја гаѓала националната електроенергетска мрежа, намалувајќи го капацитетот на „нула“, и обвини дека Путин наредува „терористички напади“ за да создаде тензија во украинското општество.
Украинскиот претседател изјави дека сака да нарача 27 противвоздушни системи „Патриот“ од американските производители, и предложи европските држави да ѝ ги позајмат своите постоечки системи на Украина. На прашањето дали ЕУ и Велика Британија прават доволно, тој одговори: „Никогаш не е доволно. Ќе биде доволно кога војната ќе заврши“.
Зеленски ги поврза неодамнешните малигни активности низ Европа – вклучувајќи го и лажниот упад со дронови над Полска и подоцнежното појавување на дронови над аеродромите во Копенхаген, Минхен и Брисел – со неуспехот на Русија да оствари значителен напредок на фронтот.
Тој тврди дека е сосема можно Русија да отвори друг фронт против друга европска земја пред да заврши војната во Украина. – Верувам дека ќе го стори тоа. Може тоа да го стори. Мораме да го заборавиме општиот европски скептицизам дека Путин прво сака да ја заземе Украина, а потоа можеби ќе оди на друго место. Може да ги направи двете работи истовремено, истакна украинскиот претседател.
Тој го опиша моментот како „ќор-сокак“ за Путин кога станува збор за вистински успех. Зеленски додаде дека во октомври, Русија имала рекордни 25.000 загинати и ранети војници.
Шефот на украинската држава истакна дека САД се стратешки партнер, а Украина е многу поблиска по вредности до САД отколку „империјалистичката“ и ревизионистичка Русија.




