Германските истражители веруваат дека зад експлозиите на гасоводите „Северен тек 1 и 2“ стои група Украинци кои дејствувале под директно водство на тогашниот врховен командант на вооружените сили на Украина, генерал Валериј Залужни.
Како што пишува „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на германската полиција, обвинители и други добро информирани извори, истражителите развиле „јасна слика за тоа како елитна украинска воена единица ги извршила нападите“.
Целта на саботажата наводно била да се намалат приходите на Русија од енергетски извори и да се прекинат економските врски на Москва со Германија.
Следејќи траги како што се чартер компании, телефонски броеви и регистарски таблички, тимот од Потсдам собрал доволно докази за да издаде налози за апсење на тројца војници на специјалните сили и четворица искусни длабински нуркачи.
Клучниот доказ е црно-бела фотографија од германска сообраќајна камера. На неа се гледа лицето на украински нуркач кој беше идентификуван од полицијата користејќи комерцијален софтвер за препознавање лица. За неколку минути, истражителите ги пронајдоа неговите профили на социјалните мрежи, што ги доведе до други осомничени.
Тимот го следел идентификуваниот нуркач до Полска, од каде подоцна бил транспортиран во Украина во црно БМВ со дипломатски таблички. Возилото наводно го управувал украинскиот воен аташе во Варшава.
По исцрпна потрага командантот на диверзантската единица бил пронајден во Италија. Истражителите првично имале само фотографија од пасошот на насмеан маж, што се покажало како вистински украински документ издаден на туѓо име – вообичаена практика во украинските тајни операции – наведува полицијата.
Бидејќи човекот немал профили на социјалните мрежи и не бил во ниедна европска база на податоци, идентификацијата била тешка. Меѓутоа, граничната полиција на пријателска земја пронашла совпаѓање бидејќи патувал таму по службена должност.
Истражителите така добиле копија од неговиот вистински пасош и го идентификувале како Сергеј К., 46-годишен ветеран од Безбедносната служба на Украина (СБУ). Тој се приклучил на специјалната единица на првиот ден од војната и командувал со противвоздушна единица за време на битката за Киев.
Се очекува италијанските судии до декември да одлучат дали да го екстрадираат осомничениот во Германија, каде што е закажано судење. Германската полиција веќе подготви специјален авион за неговиот транспорт од Италија до Хамбург.
Кон крајот на октомври судот во Болоња веќе ја одобри екстрадицијата на Сергеј Кузнецов во Германија, но неговата одбрана поднесе жалба до Врховниот суд, кој мора да донесе одлука во рок од еден месец. Во меѓувреме, Кузнецов започна штрајк со глад, а украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец пријави ненадејно влошување на неговата здравствена состојба.




