Никола Серафимов, дефанзивецот на Левски, повторно се најде во списокот на селекторот Благоја Милевски.

Пред средбата во Кардиф, Македонија ќе одигра пријателски натпревар со Летонија, за три дена во Скопје.

Серафимов истакна дека најважно за тимот е да го задржиме победничкиот дух. Тој посочи дека натпреварот со Летонија ќе биде важна проверка, но главниот фокус останува на дуелот со Велс, кој се очекува да биде еден од најтешките мечеви во овие квалификации.

„Се надевам дека по мечот со Летонија сите ќе бидат здрави, бидејќи најважен е натпреварот со Велс. Не очекувам дека селекторот ќе ги покаже тактичките определби на пријателскиот меч, ама со победа против Летонците би влегле во мечот во Кардиф со добра атмосфера и тоа е најважно. Контролниот натпревар ќе биде одлична проверка за нашите сили. Потоа следува најважниот меч во циклусот на квалификациите во Велс. Тоа ќе биде многу тешка средба, исто како таа во Скопје. Ќе дадеме си од себе за да ја израдуваме Македонија и да стигнеме до позитивен резултат, а зошто да не и до победа.

Против вакви репрезентации од светска класа секогаш најголемиот товар паѓа на одбраната. Многу пати сум кажал дека нашата одбрана започнува напред, од напаѓачот, а се надевам дека и овој пат ќе успееме да го издржиме притисокот. Нема да се разликува нашиот пристап, на секој натпревар бевме истите и на високо ниво. Секогаш одиме на позитивен резултат, па така ќе биде и во Велс. Сами се доведовме во оваа позиција, поради добрите резултати очекувањата од јавноста пораснаа. Меѓутоа од друга страна сето тоа мора да го потврдиме на теренот во секој следен меч. Притисокот секогаш е тука кога играме за Македонија, ама покажавме дека можеме да се носиме со тоа“, изјави Серафимов.