Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишна жена со престојувалиште во Ржаничино, осомничена за кривичното дело „Запуштање и малтретирање на дете“ според член 201 став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, на 9 ноември во вечерните часови, таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила и малтретирала својот шестмесечен син. Изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира со раце и тупаници по устата и носот, нанесувајќи му повреди со крварење.
Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот каде престојувала осомничената и уште една пријателка кои го однеле детето на лекарски преглед.
На Клиничкиот центар на детето му биле констатирани повеќе нови повреди – контузии и хематоми, но и постари подливи од претходни повреди. Во исто време, констатирано е дека осомничената од раѓање не го однела детето ниту на лекарски преглед, ниту на вакцинација, меѓу другото со цел да прикрие дека физички го удира бебето.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничената, пред се поради опасноста од бегство. Детето-жртва за кое не е познат другиот родител е згрижено преку Центарот за социјални работи




