Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагираше на интервјуто на министерот Цветан Трипуновски кој иако призна дека ИПАРД програмата е суспендирана но ниту презеде одговорност ниту понуди решенија, се наведува во соопштението од СДСМ кое го пренесуваме во целост.

„Министерот Трипуновски видно нервозен излезе на телевизија и наместо да понуди решение сам потврди дека ИПАРД е суспендиран– без да каже колкава е штетата, без да каже колку ќе трае проверката за корупција и криминал на неговите најблиски соработници, една од тие и негова посебна советничка“ вели Николовски.

Тој предупредува дека се загрозени 130 милиони евра европски средства, пари што требало да донесат над 3.000 нови бизниси и 10.000 нови работни места.

„Овие пари не се бројка на хартија, тоа се грантови за реални луѓе, за млади земјоделци, за семејства кои вложиле сопствени средства и надеж дека државата и Европа стојат зад нив. Денес се изневерени,“ истакнува Николовски.

Николовски го осуди и нападот на министерот врз претходните успешни програми што создадоа над 4.000 нови мали производители и илјадници семејства кои денес живеат од сопствен труд.

„Наместо да превземе одговорност, министерот нападна и претходни програми кои донесоа реални резултати, тој нападна над 4.000 нови мали производители, нови семејства кои денес живеат од сопствен труд. Програми што беа симбол на успех, сега се цел на безмислени критики.“

Јас денес понудив конкретни решенија, транспарентно и одговорно, за доброто на земјоделците и државата. Тој ги одби и избра да обвинува без никакви докази, додаде Николовски.

„Мојата борба не е против никого лично, туку за секој земјоделец кој денес чувствува дека е изневерен. Нудам помош и конкретни решенија и ќе ги понудам и на неговиот наследник, на секој што мисли добро за државата,“ порачува Николовски.

СДСМ