Местото наречено Бир Тавил нема влада, нема закони и технички секој може едноставно да оди таму и да прогласи своја територија. Причината за ова е по малку бизарна…

Се работи за област со големина од 2.060 квадратни километри – приближно колку Луксембург, без ниеден постојан жител, а се наоѓа точно меѓу Египет и Судан. Ниту една од двете држави не ја сака областа за себе, па затоа, поединци се обиделе да прогласат своја „нација“ таму, како што пишува „Н-1 Сараево“, т.е. – „независна држава“. Така, еден Американец отпатувал во Бир Тавил во 2014 година, поставил знаме дизајнирано од неговата ќерка и го прогласил нивното „Кралство Северен Судан“ – неколку години по осамостојувањето на Јужен Судан. Потоа и двајца Руси „си ја прогласиле“ државата за своја… И еден Индиец го сторил истото.

Значи, сега постојат повеќе кралства, на исто место, коишто, всушност, веројатно постојат само во фантазијата на „освојувачите“.

Но, зошто Бир Тавил не му припаѓа на никого? Коренот на проблемот е во ерата на Британската Империја што ја владеела оваа област во 19. век. Имено, Британците издале две различни карти на границите.

На едната мапа, Бир Тавил е во Судан. На другата е во границите на Египет. И, следи „фората“…

Заземањето на Бир Тавил значи целосно откажување од Халаиб – соседната многу поголема област (со непризнаат суверенитет во границите на Египет) кај Црвеното Море, којашто, се верува, е богата со нафта. Така, обете земји го претпочитаат Халаиб и неговото целосно освојување, оставајќи го Бир Тавил настрана.

Значи, Бир Тавил останува единственото место на Земјата каде што секој може да биде крал. Но, засега, никој навистина не го прави тоа.

Фото: Википедија.