Во дигиталната судница во рамки на Казнено-поправната установа „Идризово“ во Скопје почна судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Во текот на денешното, но и на претстојните рочишта, во близина на судницата ќе бидат присутни медицински екипи, а дополнително е најавено и засилено полициско присуство.

Започна судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани кој изби на 16 март годинава и во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето почна утринава во дигиталната судница во рамки на Казнено-поправната установа „Идризово“ во Скопје. Беше избрана уште пред неколку месеци, главно поради просторните капацитети и техничките можности.

Според најавите, во текот на претстојните рочишта, во близина на судницата ќе бидат присутни медицински екипи во случај на потреба од интервенција. Дополнително е најавено засилено полициско присуство.

На обвинителната клупа се најдоа вкупно 38 обвинети, односно 35 физички лица и три фирми. Имајќи ја предвид бројката на обвинети, проценките се дека заедно со нивните бранители, бројот на сите странки во постапката ќе изнесува околу 67. Во текот на судењето присутни ќе бидат и оштетените и нивните адвокати.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски минатата недела на брифинг изјави дека обвинението ќе можат да го застапуваат вкупно 15 обвинители. Додаде дека досега собранито доказен материјал е обемен и дека обвинителите се подготвени за судски процес за кој очекува да се одвива ефикасно и фер за сите странски.




