Полските безбедносни служби идентификуваа двајца украински државјани, кои дејствувале во име на Русија, вмешани во два саботажни акта врз железничкиот сообраќај, објави премиерот на земјата Доналд Туск.

Во саботата, експлозија уништи железничка линија на релацијата Варшава – Лублин, во близина на железничката станица Мика, округ Гарволин. Подоцна, во близина на градот Голомб, округ Пулави, оштетена пруга предизвика ненадејно запирање на воз со 475 патници.

Туск пред Сејмот (Долниот дом на полскиот Парламент) изјави дека двајцата откриени сторители се украински државјани кои долго време соработувале со руските служби.

По операцијата, тие ја напуштиле земјата, влегувајќи во Белорусија преку граничниот премин Тереспол. Еден од осомничените бил осуден во Лавов за саботажни акти во мај, додека вториот е жител на Донбас. Мажите преминале од Белорусија во Полска наесен оваа година.

Туск додаде дека двата саботажни акта се извршени во фази.

– Првиот вклучуваше поставување челична држач на шините, која веројатно имала за цел да го излизга возот од шините… овој обид, за среќа, се покажа како целосно неефикасен, посочи премиерот. Тој додаде дека дејството требало да биде снимено со мобилен телефон со надворешна батерија инсталирана на шините. Случајот е од 15 ноември, 20:58 часот, и е снимен од надзорна камера.

– Експлозивната направа Ц4 експлодирала со помош на уред за активирање поврзан со 300-метарски електричен кабел. На местото на настанот е пронајдена и одредена количина од експлозивната материја што не детонирала, рече Туск. Тој додаде дека уредот бил активиран за време на минување на товарен воз Варшава – Пулави, без да предизвика излизгување. Нанесена е само незначителна штета на подот на вагонот.

Туск изјави дека руските служби стојат зад сите неодамнешни акти на саботажа во Полска и додаде дека досега се приведени 55 осомничени за саботажа, од кои 23 се уапсени.

Тој потсети дека првиот акт на саботажа е извршен во јануари 2024 година во југозападниот град Вроцлав.

– Руските власти не се заинтересирани само за непосредното влијание на ваквите дејства, туку и за социјалните и политичките последици. Тие вклучуваат дезорганизација, хаос, паника, шпекулации и несигурност, рече полскиот премиер. Друга цел, додаде тој, е да се разгорат што е можно порадикални антиукраински чувства.

Туск објави дека, во врска со терористичките закани, издал наредба за воведување на трето ниво на тревога – „Чарли“, што се однесува на железничките линии (критично ниво на тревога, при кое опасноста е потврдена и има директно влијание врз областа каде што е воведено).

Поради саботажните акти, Комитетот за национална безбедност на полската влада заседаваше заедно со воени лица и раководители на безбедносните служби, како и со претставник на претседателот, за да се разговара за најновите безбедносни закани на железничката линија Варшава – Лублин.

фото: Архива