Бизнисменот Светозар Јаневски целосно ги купи уделите на своите партнери во „М-6“ ДОО Скопје, фирма која контролира 80 отсто од акциите во винарската визба „Тиквеш“, но има висок процент на акции и во „Охридтурист“, пишува економскиот портал Фактор.

Како што дознава Фактор, деновиве е исплатена вкупна сума од 775 милиони денари, односно 12,7 милиони евра кон некогашните соработници и содружници на генералниот директор на АД „Тиквеш“.

Претходно Јаневски требаше да им ги доисплати до крај уделите кои што тие ги поседувале во „М-6“ ДОО Скопје, а оваа сума им е префрлена на доскорешните заеднички сопственици Светлана Пендаровска, Мате Настески, Ратко Чадиковски и Снежана Славкова

Во моментов,според податоците од Централниот регистар, Светозар Јаневски има 90 отсто од сопственоста над групацијата „М-6“ ДОО со неговата „М-6 Еден“.

Според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, единствен голем акционер во ВВ „Тиквеш“ е трговското друштво за инжинеринг и услуги во прометот „М-6“ ДОО Скопје, кое поседува 80,08 проценти од вкупниот број акции.

„М-6 Еден“ е во сопственост на семејството на Јаневски, а тој таму е управител. Во моментов „М-6“ Доо поседува 80,08 отсто од акциите на ВВ „Тиквеш“, а Јаневски и неговото семејство во моментов со „М-6 Еден“ поседуваат 90 отсто од „М-6“ Доо. Самиот „М-6 Еден“ поседува 6,53 отсто од акциите на „Тиквеш“.

Ова значи дека Јаневски ќе има речиси целосна контрола над сопственоста во најголемата винарска визба во Македонија.

Добивката за 2024 изнесуваше 4,1 милиони евра.