Свечена седница по повод Денот на албанската азбука се одржа денеска во Владата, а на истата обраќање имаше и премиерот Христијан Мицкоски кој истакна дека овој ден носи силна историска и културна симболика и е важен и за нашата држава.
-Македонија е дом на различности кои не разделуваат, туку ја збогатуваат нашата заедничка национална приказна. Албанската заедница со својата култура, јазик, традиции и вредности е суштински дел од нашата држава. Денес, кога го одбележуваме Денот на албанската азбука, оддаваме признание на напорите на генерации кои се бореле за образование, писменост и културен развој, но и на сите кои денес го продолжуваат тој пат. Нашата заедничка татковина се темели на идејата дека секој граѓанин има еднакво место, еднаква вредност и еднаква можност, вели Мицкоски.
Премиерот посочи дека Владата останува посветена на политики кои градат меѓуетничка доверба, создаваат простор за достоинствен развој на јазиците и културите и ја зајакнуваат кохезијата меѓу сите наши граѓани.
Додаде дека имаат амбиција и сакаат да градат општество во кое младите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и сите други ќе ја гледаат својата иднина овде – во силна и развиена татковина.
-Општество во кое секој јазик е мост, а не граница. Сила, а не поделба. Богатство, а не предизвик. Во оваа насока, Владата активно работи на проекти кои создаваат подобар живот за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност. Посветени сме на унапредување на инфраструктурата и можностите во секоја општина, на модернизација на училиштата, на поддршка на културните институции и на отворање нови можности за младите. Во тек се програми за дигитализација на услугите, за економски развој на локалните заедници и за јакнење на институциите што се грижат за рамноправност и интеграција, посочи премиерот.
Нагласи и дека нивната цел е секој граѓанин да го почувствува напредокот и да знае дека државата стои зад него. Ова не е само политичка обврска, туку морална должност кон идните генерации.
-Само ако сме обединети во почит, доверба и одговорност, ќе можеме да постигнеме резултати што ќе ја движат татковината напред. Нека е честит Денот на албанската азбука. Да продолжиме да ја градиме нашата заедничка татковина со почит кон различностите и со јасна визија за иднината, потецираше претседателот на македонската Влада.




