Австралиската сенаторка Полин Хансон денеска се појави во Парламентот носејќи бурка, во рамки на нејзината кампања за забрана на муслиманската женска облека што го покрива целото тело и лице на јавни места.
Хансон ја стави бурката откако беше одбиен нејзиниот предлог да поднесе закон со кој би се забраниле бурките и другите покривала за цело лице во јавниот простор во Австралија.
Ова е вторпат Хансон да користи бурка во Парламентот како протест за да ја поттикне забраната на нивното јавно носење.

По влегувањето на Хансон во салата, облечена во бурка, повеќе муслимански сенаторки остро реагираа, а седницата беше прекината бидејќи таа одбила да ја соблече. – Ова е пример на расизам, изјави Мехрин Фаруки, сенаторка од Зелените од Нов Јужен Велс.
Хансон во писмена изјава навела дека ја носела бурката како протест поради одбивањето на предложениот закон. – Ако парламентот не сака да ја забрани, ќе ја покажам оваа репресивна, радикална, нерелигиозна облека која ја загрозува нашата национална безбедност и ги потиснува жените во нашиот парламент, за секој Австралиец да види што е проблемот. Ако не сакаат да ја носам – нека ја забранат бурката, изјави Хансон.




