Премиерот Христијан Мицкоски одби можност за предвремени избори.
Рече дека следната година пред државата има големи предизвици.
-Дали ќе има избори понатаму? Јас апсолутно во моето воведно обраќање кажав дека следната година, 2026, ќе биде предизвикувачка година. Треба да се обезбедат повеќе од 2,2 милијарди евра да се вратат долгови од минатото. Доколку ние би формирале техничка влада, таа има лимитирани маневарски способности и ќе биде многу тешко да се размавнеме и да го продолжиме овој тренд којшто го имаме оваа година и втората половина од претходната година, посебно во делот на економијата, вели Мицкоски.
Според него, на ВМРО-ДПМНЕ му одговарало на пролет да имало предвремени парламентарни избори, но требало да се гледаат државните интереси.
-Кога би размислувал политички, и теснопартиски, во наш интерес е на пролет да имаме предвремени парламентарни избори. Но, ние сакаме да размислуваме државнички и во таа насока и да се однесуваме. Интересот на граѓаните е подобра економија, подобри услови за живот и во рамките на можностите со коишто располагаме, се трудиме тоа да го сработиме. Така што, некогаш успеваме, некогаш не успеваме, таков животот. Еве, ќе се задржам на онаа реплика што некогаш ја користам, во политиката никогаш не вели никогаш, но шансите за такво нешто се многу мали, рече Мицкоски.




