Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обрати на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, што денеска и утре се одржува во Европскиот парламент во Стразбур. Состанокот, на кој копретседаваа пратеници од Европскиот парламент и од Собранието на Република Северна Македонија, беше посветен на односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија, со акцент на фундаменталните права и слободата на изразување, владеењето на правото и борбата против корупцијата, напредокот во пристапните преговори, добрососедските односи и регионалната стабилност, како и на прашањата од областа на животната средина, транспортот, енергетиката, инфраструктурната поврзаност, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
dobivaj vesti na viber

Во своето обраќање, Муртезани се осврна на клучните приоритети на државата во европскиот процес, нагласувајќи ја посветеноста кон реформите во рамките на Планот за раст и Реформската агенда. Тој истакна дека земјата продолжува со имплементација на суштинските реформски чекори, како и со подготовката на значајни инвестиции што ќе ја зацврстат економската и институционалната усогласеност со Европската Унија. Муртезани се осврна и на оценките од Годишниот извештај на Европската комисија за 2025 година, посочувајќи дека извештајот го потврдува континуираниот напредок на Северна Македонија и дека препораките на Комисијата веќе се вградени во националното планирање.

„За Северна Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност. Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки“.