Нашите билатерални односи се во многу добра форма. Има силна врска помеѓу нашите две земји, споделуваме заеднички вредности. Постојат силни врски помеѓу двата народа, а тоа е бројната македонска дијаспора. Австралија беше една од најголемите дестинации за Македонците кои емигрираа во последниве 50-60 години. Се надевам за посилни врски во иднина на ниво на политичка и парламентарна соработка, како и во делот на економијата, вели во интервју за МИА австралискиот амбасадор за Македонија со седиште во Белград, Питер Трасвел.
Кога станува збор за економската соработка, таа вели ќе биде еден од приоритетите на неговиот мандат, што го започна во мај годинава, а ги набројува и потенцијалните области каде има интерес кај австралиски компании за вложувања во земјава.
-Веќе има компании кои работат тука. Имав конструктивни средби со Македонската влада во врска со потенцијалите со минерални ресурси во земјава. Тоа е на прво место. На второ, станувате забрзано центар за ИТ и има неколку австралиски компании кои се активни. Би сакал да има и повеќе, затоа сум разговарал за тоа со комании, со економски комори за да видиме дали може да има повеќе ИТ-компании. Имате квалификувани луѓе кои одлично зборуваат англиски. Има потенцијал тука. Исто така разгледувам и други можности. На пример, со чиста енергија и знам дека Владата за тоа има многу добра стратегија… Врз основа на експертизата и знаењето што го имаме во Австралија, мислам дека може да помогнеме. Австралија има најголем број на соларни панели на покривите на куќите во светот. И имаме амбициозна цел да се насочиме на обновлива енергија. Имаме многу за што можеме да разговараме во тоа поле, вели амбасадорот Трасвел.
Во однос на можноста за укинување на визите за македонските државјани кои сакаат да патуваат во Австралија или барем за олеснување на процедурата, тој посочува дека засега нема таква можност.
-Австралија е континент и затоа можеме да го контролираме полесно движењето на луѓето и миграцијата за разлика од Европа, на пример. Нашиот визен режим не дискриминира ниту една земја. Напротив, направен е да се справи со тоа. Но, секогаш сме подготвени да слушнеме предлози за промена и да ги земеме предвид. Но, колку што знам, нема предлози за значајни промени во овој момент, дециден е Трасвел.
Австралиската амбасада 30 годишнината од дипломатски односи ќе ги одбележи со повеќе активности. Покрај големиот прием кој веќе се одржа, отворена е изложба на уметнички дела од домородните народи, а вечер и утревечер може да се погледнат два австралиски филма во Кинотеката. Вечер со почетокот во 20:00 часот, ќе биде прикажан австралискиот филм „Домаќинство за почетници“ (Housekeeping for Beginners) на истакнатиот македонско-австралиски филмски режисер Горан Столевски, а утре во истиот термин е комедијата „Дворска пепел“ (Backyard Ashes).
-Би ги повикал луѓето да ја посетат изложбата во Музејот за современа уметност. Имаме и мал филмски фестивал, неколку филмови ќе бидат прикажано во Кинотеката во петок и сабота. Воедно, светски познат уметник на мурали во Битола ќе нацрта мурал кој ќе го симболизира партнерството меѓу народите. Тој веќе го црта и да се надеваме дека ќе биде готов до сабота. Идејата беше да има нешто што ќе трае и нешто што луѓето ќе може да го гледаат. Муралот ќе биде се уште тука и за 40 годишнината, порачува амбасадорот Трасвел.
Во Австралија македонската дијаспора брои околу 115 000 лица, но се смета дека бројката е поголема.
Северна Македонија и Австралија воспоставија дипломатски односи на 20 декември 1995 година.
Следува целосното интервју со амбасадорот на Австралија за Северна Македонија во седиште во Белград, Питер Трасвел во кое тој меѓу другото зборува и за мировните напори за ставање крај на војната во Украина, за можноста за отворање Амбасада на Австралија во земјава.
Оваа 2025 година е во знакот на одбележување на три децении од воспоставување на дипломатските односи меѓу Скопје и Канбера. Како ги оценувате билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Австралија?
-Сметам дека се во добра, многу добра форма. Организиравме прием за да одбележиме 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу двете земји. За жал, австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг не можеше да дојде да присуствува на настанот, но затоа имаше видео-порака.
И Тимчо Муцунски имаше видео-порака бидејќи е во посета на странска земја. И двете видео-пораки беа пуштени вечерта на приемот.
Во нејзината порака, министерката за надворешни работи на Австралија потврдува дека има силна врска помеѓу нашите две земји. Споделуваме заеднички вредности. Постојат силни врски помеѓу двата народа, а и односите се во добра форма. Многу луѓе од Северна Македонија имаат емигрирано во Австралија, некои и се вратиле во земјава, а некои останале. Некои основале семејства и сега таму е втората или третата генерација. Значи, постои силна врска и Австралија беше една од најголемите дестинации за Македонците кои емигрираа во последниве 50-60 години. Повеќето луѓе со кои што се среќавам тука имаат некаква врска со Австралија. А тоа е и основа за добри економски врски. Луѓето доаѓаат тука, отвараат мали бизниси, семејни бизниси. Луѓето купуваат хотели, на пример, во Охрид, некои се занимаваат со правење вино.
Во економсите односи, клучни се рударскиот сектор и тој поврзан со суровини. Неколку австралиски компании се занимаваат со ископување и имаат добар потенцијал да отворат рудници. Се разбира, треба да ги исполнуваат еколошките стандарди и владините услови. Австралија има многу искуство во тоа поле, бидејќи има многу рудници. Земјата е најголемиот извозник глобално, на пример, на железна руда и исто така сме втори во извозот на гас. Имаме навистина многу искуство.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја посети Австралија на почетокот на годинава по повод 30 години на дипломатски односи помеѓу двете земји. Тоа беше прва посета на високо ниво по 15 години. Може да очекуваме подинамичен политички дијалог помеѓу двете држави?
-Имав среќа да го запознаам министерот Муцунски кога дојде во Австралија во Канбера пред да дојдам тука и да ја преземам амбасадорската функција. Исто така, го придружував за време на посетата на Австралискиот парламент за седница на пратенички прашања. Го придужував и на средбата со австралиската министерка за надворешни и за време на посетата на споменикот посветен на сите кои загинале во војните од Австралија, но и од други земји. Од моите разговори со него знам дека министерот сака да го задржи тоа ниво на односите помеѓу двете земји. Би сакале да видиме дали е можно високи претставници од Австралија да дојдат тука. Се надевам за посилни врски во иднина на ниво на претставници или и на ниво на министри.
Во врска со парламентарна соработка, Групата на пријателство повторно е основана во Австралискиот парламент за соработка со членови на Македонското собрание. Дали ова е добар знак за односите помеѓу двете земји?
-Австралиската пратеничка, Касандра Фернандо два пати ја посети Северна Македонија во последните неколку години каде се сретна со пратеници. Неодамна, се сретнав со спикерот на вашето собрание и разговаравме за парламентарната соработка. Сметам дека тоа е многу важно бидејќи и двете земји имаат силна традиција на демократија и има силна врска меѓу народите во двете земји.
Исто така, тоа дава поширока димензија на билатералните односи кои и ја зајакнуваат собраниската интеракција. Кога министерот Муцунски беше во Канбера, имаше средба со парламентарната група за пријателство, и бев со него. Многу конструктивна средба и има многу потеницјал.
Досега владите имаат потпишано неколку договори во врска со социјалната политика како и помеѓу полициските сили, а има и договор за борба против транснационален криминал и тероризам. Има план за склучување на други договори?
-Секогаш има простор за две пријателски земји како нашите да направат повеќе и да склучат повеќе договори.
Вашиот мандат почна во мај кога ги предадовте акредитивите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. На состанокот потенциравте дека вашата мисија е да ги зајакнете економските односи помеѓу двете земји. Какви инцијативи планирате во таа насока?
-Како што кажав, веќе има компании кои работат тука. Имав конструктивни средби со Македонската влада во врска со потенцијалите со минерални ресурси во земјава. Тоа е на прво место. На второ, станувате забрзано центар за ИТ и има неколку австралиски компании кои се активни. Би сакал да има и повеќе, затоа сум разговарал за тоа со комании, со економски комори за да видиме дали може да има повеќе ИТ-компании. Имате квалификувани луѓе кои одлично зборуваат англиски. Има потенцијал тука.
Исто така разгледувам и други можности. На пример, со чиста енергија и знам дека Владата за тоа има многу добра стратегија. Работи со други партнери, еден од нив е Велика Британија. Врз основа на експертизата и знаењето што го имаме во Австралија, мислам дека може да помогнеме. Австралија има најголем број на соларни панели на покривите на куќите во светот. И имаме амбициозна цел да се насочиме на обновлива енергија. Имаме многу за што можеме да разговараме во тоа поле.
Дали има тенденција да се зголеми трговската размена?
-Би сакал да видам раст во трговијата. Треба да ја подобриме трговијата. Има интерес од Македонската влада. Со оглед на тоа дека имаме блиски врски помеѓу министерствата тука, има потенцијал и се надевам дека може да има и промена. Истото го изјави и министерот Муцунски кога беше во Австралија. И двете влади се обидуваат да постигнат нешто во оваа област.
Во врска со културна соработка на пример или во сферата на образованието, постои ли можност да се укинат визите за македонските граѓани кои сакаат да патуваат во Австралија, или барем да се олесни таа процедура?
-Австралија е континент и затоа можеме да го контролираме полесно движењето на луѓето и миграцијата за разлика од Европа, на пример. Нашиот визен режим не дискриминира ниту една земја. Напротив, направен е да се справи со тоа. Но, секогаш сме подготвени да слушнеме предлози за промена и да ги земеме предвид. Но, колку што знам, нема предлози за значајни промени во овој момент.
Северна Македонија има своја Амбасада во Канбера и генерален конзулат во Мелбурн, што мешу другото е во функција на големата македонска дијаспора во Австралија. Постои ли можност Австралија да отвори резидентна амбасада во Скопје?
-Добро прашање кое често ми го поставуваат. Тоа е одлука која треба да ја донесе Австралиската влада, политичка одлука. Во меѓувреме, имаме одличен почесен конзул кој одлично работи со Амбасадата во Белград. Доаѓаме многу често и се трудиме да направиме разлика во билатералните односи.
Во врска со геополитика. Кој е вашиот став за тековните преговори во врска со мировниот план на Трамп за Украина кои се во деликатна фаза?
-Би сакал да ја повторам изјавата на нашата министерка за надворешни работи. Таа изјави дека Австралија ги поддржува напорите да се постигне договор за мир што ќе стави крај на руската нелегална и неморална војна и кој ќе одржува безбедност и стабилност во Европа. Исто така изјави дека траен мир треба да го потврди суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, да поддржи безбедност и стабилност во Европа, и што е најважно, да се осигура дека Русија нема да повтори таква агресија.
А што е со соработката меѓу Австралија и НАТО, каде Северна Македонија е членка?
-Ние сме во регион што го нарекуваме Индо-Пацифик. Се протега од Индија до Соединетите Американски Држави и сите земји во средината таму, Југоисточна Азија, Северна Азија. Нашиот регион не е Европа – која е дел од евроатлантскиот регион. Но, поради нелегалната и неморална војна во Украина, има поголем простор или поголема потреба за соработка помеѓу двата различни региона. За почеток, Австралија е најголемиот придонесувач во одбраната на Украина надвор од НАТО.
Дониравме 1,5 милијарди австралиски долари помош за Украина. А, тоа е најголемата помош надвор од НАТО. Видовте дека војници од Северна Кореја се борат во Русија. Тоа ви кажува дека ова не е проблем само за овој регион. Тоа е проблем што ги опфаќа различните региони и е важен и за нас. Значи, Австралија е дел од мала група земји што ги вклучува и Јапонија и други, кои имаат многу редовна, многу тесна соработка со НАТО во седиштето во Брисел и на други места. Имаме близок дијалог со НАТО, а нашите министри одат на важните конференции на НАТО. На последната конференција на НАТО, нашиот министер за одбрана беше таму. И важно е да се каже дека навистина го поздравуваме фактот што вашата земја веќе неколку години е во НАТО. Тоа е навистина важно за регионот. Ја поздравуваме помошта што ѝ ја дадовте на Украина. Доста голема помош за мала земја, и тоа е многу добредојдено.
Има сигурно простор да направиме повеќе помеѓу Австралија, која е дел од овој безбедносен сојузнички однос, како што реков, помеѓу САД, Австралија и Нов Зеланд и НАТО. Но, ние не сме дел од НАТО, но го поддржуваме она што го прави НАТО. Како на пример во Авганистан. И во тој конфликт, Австралија беше најголемиот партнер на НАТО кој не е член на Алијансата.
Кој е вашиот коментар за македонскиот пат за членство во ЕУ?
-Би сакале да видиме проширување на ЕУ, кое е важно за просперитетот на земјите на Балканот. Важно е за стабилноста на регионот. Би сакале да ја видиме Северна Македонија како има напредок во преговорите со ЕУ. Но, ние не сме дел од ЕУ и не можам да коментирам повеќе освен тоа дека се надеваме дека разликата ќе биде надмината за да може да продолжите напред во преговорите.
Кои се активностите со кои ќе ја одбележите 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави?
-30 години од дипломатски односи е голема работа и за многуте македонски Австралијанци. И сакаме да покажеме дека и за австралиската влада и за австралискиот народ е важно. Имаме неколку различни настани што ќе се случат во текот на една недела за да го прославиме тоа. Имавме голем прием неделава, со присуство на неколку стотици луѓе, со австралиска музика. Како што реков, ги имавме пораките од министрите за надворешни работи. Тоа беше голем, важен настан и беше можност за многу луѓе овде во Скопјe да го прослават тоа. Во вторникот отворивме изложба на уметнички дела од домородните народи. Би ги повикал луѓето да ја посетат во Музејот за современа уметност. Имаме и мал филмски фестивал, неколку филмови ќе бидат прикажано во Кинотеката вечер и утре, во сабота.
Светски познат уметник на мурали ќе нацрта мурал кој ќе го симболизира партнерството меѓу народите во Битола. Тој веќе го црта и да се надеваме дека ќе биде готов до сабота. Идејата беше да има нешто што ќе трае и нешто што ќе може луѓето да го гледаат. Муралот ќе биде се уште тука и за 40 годишнината од нашите односи.




