Регистрирани се 110.000 сообраќајни прекршоци за 24 часа во Скопје во првиот ден од функционирањето на системот Безбеден град, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Тоа е катастрофална бројка. Вчера имаше околу 1.000 нерегистрирани возила, околу 5.000 поминувања на црвено што е катастрофално. Најстрашно е што над 90% од вкупната бројка е пречекорување на брзината – додаде Тошковски.
Целта на тест периодот е да ги запознае граѓаните со функционирањето на системот Безбеден град и да се направи ревизија на системското решение.
Тој додаде дека се констатирани некои слабости во системот и дека тие ќе се корегираат.
Министерот рече дека системот ќе се имплементира низ целата земја со тек на времето.
Тој додаде дека законот ќе важи за сите, освен за возила на Брза помош и возила на МВР кои се во службени активности.
Рече дека најмалку тројца возачи на министри се казнети за брзо возење.
Во 2024 година имало 142 жртви во сообраќајни несреќи, а министерот порача граѓаните да ја имаат предвид таа бројка кога ќе дебатираат за потребата од системот Безбеден град.
Тој остави можност законот да профункционира од 1 февруари наместо од 1 јануари со цел да се допровери системот и граѓаните да бидат целосно запознаени.




