Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска изјави дека државата не добила позитивна одлука и лиценца од американската влада за Нафтената индустрија на Србија (НИС).
-Очекувавме да добиеме лиценца за продолжување на снабдувањето со нафта на нашата рафинерија во Панчево, но не добивме позитивна одлука….Министерката за рударство и енергетика денеска ќе го информира НИС дека немаме индикации дека САД ќе доделат лиценца за работа на рафинеријата во Панчево, што ќе предизвика прекин на работата на рафинеријата. Хрватски ЈАНАФ не ни дозволи да увезуваме нафта што не би била наменета за рафинеријата во Панчево, туку за нашите стокови и задолжителни резерви, изјави Вучиќ.
-Се обидувам да рационализирам работите и без емоции да анализирам што точно прават, но не разбирам што прават, рече Вучиќ.
Денеска е 54. ден откако беа воведени санкциите за НИС.Во моментот рафинеријата на НИС во Панчево е во – „топла циркулација“.
– Недвосмислено е дека Русите не сакаат да продаваат, и тоа е нивно право – тие се сопственици, но ние имаме многу проблеми со тоа…Додека ја држат во топла циркулација, губат 370 илјади евра дневно, а нивна работа е кога ќе посакаат целосно да ја затворат рафинеријата.
Во врска со секундарните санкции поради неиздавањето лиценца од САД, тој рече дека секоја комерцијална банка може да биде казнета во секое време, што работи со НИС.
-„Нашата централна банка, поради тоа што не издаде обврзувачка инструкција за прекин на соработката со санкционирана компанија, може да добие секундарни санкции во секое време. Тоа е катастрофа за нашиот инвестициски рејтинг, катастрофа за функционирањето на целиот финансиски систем на нашата земја“, рече тој.
Како што рече Вучиќ, ова не е прашање само на една компанија, туку за цела Србија.
– Кога НИС ќе ги потроши своите оперативни резерви на бензиските пумпи, ние не можеме на нив да им даваме како држава, од стоковите резерви, ниту на НИС, ниту на Лукоил, по 13 декември.
Тој рече дека воздушниот сообраќај ќе функционира нормално.
Вучиќ изјави дека Србија се уште нема договор со Русија во врска со гасот за следниот период и дека доколку тој не се реши до петок, Србија ќе започне преговори в понеделник.
– Ќе набавиме гас на друга страна, пари се обезбедени, нагласи тој
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска имаше средба со тимовите одговорни за енергетската стабилност и безбедност на државата.
Присутни беа премиерот Ѓуро Мацут, првиот вицепремиер и министер за финансии Синиша Мали, министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, министерот за одбрана Братислав Гашиќ и други министри, потоа претставници од енергетскиот сектор, гувернерката на НБС Јоргованка Табаковиќ, началникот на ГШ на вооружените сили на Србија и други претставници на државни институции и компании.




