Бугарија е во најголемата политичка криза во последните две години. Масовните граѓански протести што почнаа како реакција на контроверзниот предлог-буџет за 2026 година, за кратко време прераснаа во барање за итна оставка на Владата на премиерот Росен Жељазков и за предвремени парламентарни избори.

Вечерва, како и вчера, илјадници граѓани излегоа на улиците во Софија и во десетици градови низ земјата – Велико Трново, Пазарџик, Сливен, Разград, Видин, Варна, Пловдив, Бургас, Стара Загора, Добрич, Шумен, Русе, Ловеч и Благоевград.

Протестите се организирани спонтано преку социјалните мрежи и во повеќето случаи немаат формален организатор или партиска поддршка.

Демонстрантите  извикуваат „Оставка!“ и „Мафија!“, а на транспарентите граѓаните ја изразуваат својата фрустрација со пораки како: „Буџетот во мрак – народот во гнев“ и „Бугарија е будна и нема да бега“.

Во Софија вечерва повторно се собраа стотици луѓе пред зградата на Министерскиот совет (Владата). Движењето во центарот не е запрено, но има засилено полициско присуство. Од општината потврдија дека не било поднесено барање за дозвола за протест, јави БТА

Едногласно повлекување на Буџетот

Како директна последица на граѓанскиот гнев, Парламентот денеска со убедливо мнозинство од 201 глас „за“ го прифати повлекувањето на трите буџетски закони – за државниот буџет, за Национална каса за здравствено осигурување (НЗОК) и за Државно социјално осигурување (ДОО) за 2026 година. Предлогот го поднесоа пратеници од ГЕРБ-СДС, БСП и „Има таков народ“. За повлекувањето гласаа 62 пратеници од ГЕРБ-СДС, 31 од ПП-ДБ, 33 од „Преродба, 25 од ДПС-Нов почеток и други, со што беше постигнат консензус од речиси сите политички групи. Владата сега ќе започне нова буџетска процедура.

Премиерот Жељазков, иако го призна повлекувањето на буџетот, изјави дека нема да се повлече од функцијата.

– Немаме право да се повлечеме без буџет неколку недели пред влезот на Бугарија во еврозоната. Ќе абдицираме последни, но тоа не значи дека сме инаетчии – начинот на кој го покажуваме тоа е со признавање на грешката и повлекување на буџетот, појасни вчера бугарскиот премиер.

Политичка војна: Радев, Борисов и  гласање недоверба

Претседателот на Бугарија Румен Радев беше најостар. – Оставката на Владата е неодложна. Предвремените избори се единствениот излез од кризата, рече тој. Според него, протестите не се само за буџетот, туку се израз на длабоко незадоволство од целокупното владеење.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, денеска порача дека партијата е подготвена за предвремени избори доколку не се обезбеди стабилно мнозинство за нов буџет. „Или застанете со ГЕРБ и заедно да изготвиме нов буџет или одиме на избори“, напиша тој на Фејсбук.

Од коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) најавија дека в петок ќе поднесат гласање на недоверба кон кабинетот на Жељазков.

Пратеникот Ивајло Шофтев на протестот во Пазарџик изјави: „Буџетот беше само повод. Ќе продолжиме додека не паднат.“

Тензии, судири и сомнежи за платено насилство

За време на големиот протест во Софија на 1 декември вечерта, дојде до сериозни судири со полицијата пред седиштето на ДПС-Нов почеток. Полицијата пријави дека група млади луѓе фрлале камења, пиротехника и шишиња, превртувале контејнери и нападнале полициски возила.

До моментов обвинети се 14 лица за тешко хулиганство, од кои 10 се во притвор најмалку 72 часа.

Обвинителството соопшти дека шестмина од уапсените имаат претходни криминални досиеја, при што двајца биле осудувани за возење под дејство на наркотици и за кримчарење мигранти.

МВР објави фотографии од снопови банкноти со прикачени белешки со имиња на улици, кои биле пронајдени кај еден од уапсените. Овој доказ го зајакнува сомневањето дека насилните дејствија можеби биле однапред платени и организирани.

Протестите не се ограничени на Софија. Во Велико Трново граѓаните носеа транспаренти „Бугарија е будна и нема да бега“ и „Буџетот во мрак – народот во гнев“. Во Сливен имаше инцидент со димни бомби и тензија со полицијата. Во Видин втора вечер по ред се собираа луѓе на централниот плоштад и ја пееја химната на Бугарија. На протестот во Разград бараа поголема транспарентност и подобра иднина за младите.

Што следи:

Гласање на недоверба: В петок се очекува гласање на недоверба поднесено од ПП-ДБ.

Нов буџет: Владата мора брзо да подготви нов буџет пред влезот во еврозоната на 1 јануари 2026 година. Притоа, Ивајло Мирчев од „Да, Бугарија“ истакна дека оставката на Владата не може да го спречи влезот на Бугарија во еврозоната, бидејќи земјата е веќе во еврозоната.

Барања за избори: Дел од партиите, како „Преродба“, ДПС-Нов почеток и АПС, бараат итни избори. Лидерот на ДПС, Дељан Пеевски, напиша: „Нема да дозволиме анархијата и хаосот да ја освојат Бугарија.“

Референдум: Радев најави дека ќе бара референдум за еврото доколку ситуацијата не се стабилизира.

 

ИЗВОР: БТА