Македонскиот ракометен првак Е. Пелистер го претрпе осмиот пораз во Лигата на шампионите.
На гостувањето кај екипата на Загреб, а во рамките од 10.коло на Б групата, Еурофарм Пелистер загуби од Загреб со 27-23.
Иако пелистерци одлично го почнаа мечот, имаа водство од 1-5, и напад, сепак лошо одиграа во продолжението. Му дозволија на домашниот тим брзо да ја анулира негативата, па дури и поведе. Хрватскиот тим на паузата замина со два гола предност 14-12.
Тоа им даде мотив повеќе на загрепчани да продолжат во уште подобар ритам во вториот дел. Него го отворија со 5-1 серија за највисока предност од +6 (19-13). Македонскиот првак мака мачеше во нападот, па јалови останаа обидите на зелено-белите, да ја анулираат негативата.
Летаргично делуваа сите обиди на пелистерци, па на крајот противникот сосема заслужено се радуваше со четири голови разлика (27-23).
Освен капитенот Филип Кузмановски кој постигна седум голови, останатите ракометари на Пелистер потфрлија.
За Загреб ова беше првата радост по деветте загубени натпревари досега. По овој пораз макеоднскиот шампион прави чекор назад и ги намали шансите за пласман во нокаут фазата во Лигата на шампионите.
Сега следува пауза во елитното натпреварување се до февруари месец за кога се закажани дуелите од 11 коло.




