Венецуелскиот лидер Николас Мадуро вчера првпат коментираше за неговиот неодамнешен телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, опишувајќи го како полн со почит и срдечен.
– Добив повик и разговарав со претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, рече Мадуро во обраќање емитувано на државната телевизија.
Мадуро информира дека разговорот се одвивал „во тон на почит“ и изрази надеж дека тоа може да биде чекор „кон дијалог полн со почит“ меѓу двете земји, кои немаат дипломатски односи од 2019 година.
– Дијалогот е добредојден, дипломатијата е добредојдена бидејќи секогаш ќе бараме мир, рече Мадуро, додавајќи на англиски: „Peace – yes. War – never.“ (Мир – да. Војна – никогаш.)
Трамп во неделата ги потврди извештаите дека неодамна телефонски разговарал со Мадуро, но не откри никакви детали.
– Не би рекол дека помина добро или лошо. Тоа беше телефонски повик, рече тој.
Администрацијата на Трамп во последните месеци ја засили реториката и мерките против Венецуела, при што Вашингтон го обвинува Каракас за внесување смртоносни дроги во САД.
САД концентрираа дополнителни трупи на Карибите и го распоредија најголемиот носач на авиони во светот, Ју-Ес-Ес Џералд Р. Форд, во регионот. Трамп, исто така, рече дека одобрил тајни операции на ЦИА во Венецуела.
Од септември, американската војска постојано пукаше кон чамци осомничени за шверц на дрога на Карибите, при што загинаа повеќе од 80 луѓе, според американски податоци. Експертите за човекови права на ОН предупредија дека нападите можеби го прекршуваат меѓународното право.
Венецуела го обвинува Вашингтон дека сака да донесе промена на власта.
Фото: Архива




