Во рамки на панел-дискусијата „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“ во просториите на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, во организација на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, свое обраќање имаше Жаклина Пешевска, пратеник и претседател на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Пешевска истакна дека феноменот на насилство врз жените, за жал, бележи пораст не само во македонското општество, туку и во регионот и во светски рамки. Таа потенцираше дека сите општествени чинители, политичките партии, институциите и поединците, особено оние што извршуваат јавни функции, имаат обврска да вложат дополнителни напори во борбата против насилството, не само за време на кампањата, туку континуирано во текот на целата година.

„Овој феномен, насилството, всушност добива на обем не само во македонското општество туку добива на обем и во регионот и во светот. И навистина сите како активни чинители, дали преку политичките партии, дали преку своите работни места, посебно кога имаме јавни функции, треба да направиме плус напор, не само во рамките на овие 16 дена активизам, туку и низ целата година“, вели Пешевска.

Пешевска нагласи дека само со заеднички и координирани активности може да се обезбеди поефикасна заштита, превенција и поддршка за жртвите, како и да се создаде посигурно општество за сите.

Своe обраќање имаше и пратеничката Драгана Бојковска, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, која истакна дека Унијата на млади сили секоја година покажува високо ниво на одговорност во одбележувањето на „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“ и во подигнувањето на свеста против насилство врз жените. Бојковска го потенцираше и растечкиот проблем со насилството и булингот меѓу младите, особено во училиштата. Таа нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, преку Министерството за образование и наука посветува особено внимание на оваа тема и вложува сериозни напори во сузбивање на училиштниот булинг.

„Особено сакам да го потенцирам насилството и булингот којшто се случува врз младите, односно во училиштата. Зошто го велам ова? Бидејќи сега како Влада на ВМРО-ДПМНЕ преку Министерството за образование и наука, ценам дека имаме ставено голем акцент на ова прашање, бидејќи во консултации со министерката Весна Јаневска, сериозно даваме акцент на тоа што значи булинг во училиштата и сериозно вложуваме во тоа оваа работа да се сузбие“, нагласи Бојковска.