Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во врска со предложениот кандидат за Судскиот совет, рече дека Владата нема ингеренции да се меша во изборот на членови на Судскиот совет доколку кандидатите ги исполнуваат законските услови.
-Тој е кандидат којшто го гласа Парламентот и како член во Судскиот совет од редот на малцинствата што се повеќе од 20 проценти, во случајот дел од албанската заедница. Се додека кандидатот ги исполнува условите согласно повикот и сите тие критериуми согласно закон, ние тука не можеме ништо да направиме како Влада, на крајот останува на пратениците дали ќе го поддржат или ќе бараат друго решение, рече Мицкоски во одговор на прашањето да даде коментар за реакциите за предлогот за нов член кој претходно бил советник во МВР.
Мицкоски повтори дека ова не е предлог на Владата, туку предлог што доаѓа од Парламентот.
-А што се однесува до останатиот предлог и вториот предлог којшто од денеска треба да му истече мандатот, а кој што доаѓа на предлог на претседателката, многу беше прецизна претседателката и кажа кога ќе се донесе новиот закон, а новиот закон веќе е во парламентарна процедура. Помина на Венецијанската комисија, чекаме мислење од канцеларијата на Европската комисија, но тие имаа експерти во изготвувањето на истиот, така што не очекувам дека ќе бидат против. Очекувам до крајот на годината да се донесе и предлозите од Кабинетот на претседателката исто така да бидат дел од собраниската процедура, рече Мицкоски.
Вчера Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија ја усвоија потребата од донесување на новиот Предлог закон за Судски совет кој претставува основа за суштинска реформа во правосудството. Предлог законот доби поддршка од сите членови на комисиите, вклучително и од опозицијата, соопшти Министерството за правда.




