Екипите на скопското ЈП Комунална хигиена во текот на денот и во вечерните часови работат на расчистување на снегот од булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, соопштија вечерва од Комунална хигиена.
Инаку снежната покривка е само неколку сантиметри во градот, за разлика од другите градови каде дебелината на снегот е многу повисока.
– Приближно 80 работници се ангажирани за расчистување на централното градско подрачје, Старата чаршија, плоштадот и улицата Македонија, како и реонот околу Градската болница, Државната болница и поликлиниката Бит Пазар. Се расчистуваат и посолуваат и пешачките патеки и тротоарите на мостовите, за да се овозможи движење на граѓаните, соопштуваат од претпријатието и најавуваат дека ќе продолжат со активностите и во текот на ноќта.
Како што информираше Автомотосојузот на Македонија, снег врне низ цела држава, а сообраќајот се одвива по влажни коловози со остатоци од кашест снег по интервенција на екипите на ЈП „Македонија пат“.
Во сила се забрани за движење на камиони на патните правци Градско-Прилеп преку планискиот премин Плетвар, крак Маврово-Дебар, Гостивар-Кичево преку преминот Стража, Струга – граничен премин Ќафасан и Тетово-Попова Шапка каде за останатите возила е задолжително користење на зимска опрема.
Истовремено Дирекцијата за заштита и спасување апелираше до градоначалниците и општинските служби навреме да преземат активности за расчистување на снегот и снежните наноси, заради нормално одвивање на сообраќајот и заштита на населението согласно обврските од Законот за заштита и спасување.