Али Ахмети доби нов мандат како лидер на ДУи на денешниот 5 Конгрес на партијата и побара Владата во иднина да се одбира со проширена примена на принципот Бандентер со двојно мнозинство.

Тој побара ова да важи и донесувањето на одлуките на Уставниот суд, а побара и продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа.

„Прво, избор на Влада со двојно мнозинство. Предлагаме секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинството од пратениците, туку и со мнозинството од пратениците на немнозинските заедници.

Второ, имплементација на Бадентериевиот принцип во Уставниот суд. Законите што се одобруваат со двојно мнозинство во Собранието (врз основа на Бадентериевиот принцип), не треба да се поништуваат во Уставниот суд без двојно мнозинство дури ни меѓу судиите. Предлагаме измени што ќе овозможат одлуките што влијаат на правата на немнозинските заедници да не се носат без меѓусебен консензус во рамките на Судот.

Трето, продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа. Предлагаме нова фаза на функционална и фискална децентрализација, со понатамошен трансфер на надлежности во областите образование, здравство, локален развој и управување со јавен имот“, рече Ахмети, меѓу другото.

Ахмети повика на целосна проверка и сеопфатна истрага на јавните службеници од последните 34 години и поддржа мерки за борба против корупцијата и олигархијата.

Ахмети потсети на посветеноста на ДУИ кон европската интеграција, нагласувајќи дека процесот не е само технички, туку гарантира и стабилност, безбедност и одржлив развој на земјата.

„ДУИ го почитува и поддржува македонскиот национален идентитет во процесот на европска интеграција, ценејќи дека само консолидирана и интегрирана држава во ЕУ може да ги зачува и негува националните идентитети на народите овде. ДУИ беше и ќе остане гарант на европскиот курс на земјата. Донесовме тешки, но праведни одлуки, секогаш земајќи го предвид долгорочниот интерес на државата и граѓаните. Докажавме дека знаеме како да водиме одговорно, со политичка разумност и со стратешка визија“, рече Ахмети.