Локалниот пат кон росоманското село Трстеник е загрозен поради изместување на коритото на Црна Река, информираше денеска градоначалникот на Општина Росоман, Ѓорѓи Крстевски.
Крстевски посочи дека состојбата е сериозна и бара итна реакција од надлежните институции.
– Заедно со директорот на АД Водостопанство Тиквеш и директорот на ЈПКД Росоман, сме на терен на Црна Река, на патниот правец кон село Трстеник, каде што е забележано загрозување на локалниот пат, напиша Крстевски на Фејсбук.
Притоа додаде дека состојбата е евидентирана и веднаш ќе бидат известени Центарот за управување со кризи, АД Водостопанство и Министерството за животна средина, со цел навремено да се преземат мерки и да се спречи настанување на поголема штета.




