Македонскиот олимписки комитет и Општина Кисела Вода денеска одржаа заедничка работна сесија посветена на стратешкиот развој на спортот, унапредувањето на инфраструктурата и едукацијата на спортската администрација. На настанот, кој ги обедини клучните чинители од локалниот спортски сектор, свои обраќања имаа претседателот на МОК, Даниел Димевски и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Во своето обраќање пред присутните, претседателот Димевски истакна дека Општина Кисела Вода, преку својот нов капацитет и визија, се позиционира како модел за тоа како една општина треба стратешки да управува со спортските ресурси.
„Спортот денес бара повеќе од само терени; тој бара квалитетна администрација и менаџмент кој знае како да ги искористи меѓународните фондови и олимписките програми. Општина Кисела Вода покажува сериозна подготвеност да чекори во таа насока,“ истакна Димевски.
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска, обраќајќи се на собирот, ја потврди заложбата на општината за создавање подобри услови за младите спортисти. Таа потенцираше дека партнерството со МОК е од суштинско значење во процесот на мапирање и развој на новите олимписки надежи кои потекнуваат токму од оваа средина.
Работната сесија резултираше со дефинирање на конкретни чекори за идна соработка, при што беше најавено организирање на заеднички семинари за едукација на спортските работници, имплементација на програми за олимписки вредности во основните училишта, како и модернизација на спортските објекти согласно меѓународните стандарди.




