Празниците се време кога Куманово добива поинаков ритам, денови кога радоста има вистинска смисла само ако се сподели. Токму така размислуваат и членовите на мотоклубот „Мечки“, кои речиси две децении наназад ја претвораат празничната магија во конкретна помош и насмевки за најмладите во Куманово. Во пресрет на Новата година, „Мечките“ моторџиите ја играат улогата на Дедо Мраз.

Со пакетчиња, празнична забава и подароци, тие традиционално ги посетуваат најмалите кумановци и корисниците на Дневниот центар за лица со попреченост, кој функционира под Министерството за труд и социјална политика.

Бучните и моќни мотори, во неделата пред Нова година, добиваат нежен и празничен лик, украсени со балони, ѕвончиња, елкички и лампиони. Моторџиите облечени како Дедо Мраз не оставаат никого рамнодушен, ниту децата, ниту возрасните коишто со насмевка ги следат низ улиците на градот.

Оваа хумана приказна трае веќе 18 години. Подготовките започнуваат навреме и траат со недели, без многу формалности, но со јасна цел и одлична организација на нивното заедничко зборно место. Манифестацијата „Дедо Мраз на мотор“ и традиционалното дарување на корисниците на Дневниот центар станаа препознатлив симбол на празничната хуманост во Куманово.

Од спонтана идеја до реализација

Идејата се родила спонтано. Членовите на клубот доаѓаат од различни професии, но ги поврзуваат две силни страсти, љубовта кон моторите и желбата да се дарува и да се радуваат оние на кои тоа им значи најмногу. Нема формалност во разговорот, се надополнуваат еден со друг како и секогаш при нивните акции.

– Сè е завршено, ние вообичаено првин се состануваме со одговорните во дневниот центар, да го договориме датумот што одговара, и ги прашуваме што им е потребно во домот, правиме список и гледаме да го исполниме. Пакетчиња за корисниците во центарот, секако се вклучени, но настојуваме да однесеме она што во моментот им е најмногу потребно, кажаа Јовица Гиновски и Игор Тимчевски.

Виктор Михајловски посочува дека подготовките за акцијата започнуваат неколку месеци однапред со договор околу маршрутата, институциите што ќе се посетат и потребите на центарот.

-Секој член дава свој придонес, од организација до логистика. Иницијативата трае веќе 18 години, а ја одржа жива желбата да се помага и насмевките на децата кои секоја година нè пречекуваат со радост, велат Михајловски и Столе Јакимовски.

Моторџиите раскажуваат дека во почетокот сè било скромно, почнале со неколку мотори, неколку пакети и многу ентузијазам.

-Искрено, не очекувавме дека ќе прерасне во препознатлива манифестација која понатаму ќе се прошири по другите градови и мото клубови, но поддршката од граѓаните, нашите мото клупски другари и медиумите ни даде сила да продолжиме, велат Михајловски и Јакимовски.

Моторџиите Тимчевски и Гиновски додаваат дека првата акција била со околу 30-тина моторџии, кои посветено сакале да ги развеселат корисниците на Дневниот центар, подоцна прераснала во бројка од стотина „Дедомразовци“ на мотор кои секогаш измамуваат насмевки кај децата и случајните минувачи.

– Кога првпат ја направивме акцијата се запознаваме со дечињата, нивната радост и воодушевување беше искрено, ни ја наполнија душата, со нив дружбата е секогаш искрена. Тоа е најемотивниот дел од акцијата. Насмевките, искрената радост и прегратките се нешто што не може да се опише со зборови и претставува најголемата награда за нашиот труд, велат моторџиите.

Долгогодишно вистинско пријателство на моторџиите и корисниците

Дневниот центар кој функционира во рамки на Центарот за социјална работа Куманово (локација кај градинката), е основан 2005 година и започнал со работа согласно програмите и надлежностите утврдени од Министерството за социјална политика демографија и млади. Центарот континуирано обезбедува дневна грижа и поддршка за лица со интелектуална и за лица со телесна попреченост од општината. Презадоволни се од соработката со моторџиите.

-Во изминатите години, мото клубот/моторџиите редовно го посетуваат Дневниот центар и обезбедуваат подароци и поддршка за корисниците, и истите се најголемите донатори на Дневниот центар. Соработката со нив ја оценуваме како многу позитивна и значајна, бидејќи придонесува за подигнување на свеста и подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост. Покрај тоа, Центарот остварува соработка и со други хумани поединци, компании и организации, кои преку донации, материјална помош и поддршка во активности, придонесуваат за унапредување на условите и услугите за корисниците, изјави директорот на Центарот за социјални работи Куманово, Ерди Мехмети.

Услугите на Дневниот центар во моментов ги користат 18 лица од кои десет редовни, во согласност со просторните и кадровските капацитети на установата, при што секој корисник е опфатен со индивидуален пристап и план за работа. За грижата и поддршката на корисниците е задолжен стручен тим, кој согласно систематизација е составен од социјален работник, дефектолог, психолог и негувател. Тимот работи согласно стандардите за социјална заштита и се стреми да обезбеди квалитетна и континуирана услуга. Потребите од дополнителен кадар се следат постојано и се усогласуваат со можностите и надлежните институции. Дневните активности на корисниците се планирани и структурирани согласно правилникот, и опфаќаат едукативни, креативни, работно-окупациски и социјални активности, со цел развој на вештини, поттикнување на самостојност и подобрување на психосоцијалната благосостојба.

Радоста секогаш е искрена при посетата на моторџиите, кои со корисниците се вистински пријатели.

– Чувството дека си направил нешто добро за некого и да му измамиш насмевка. Тоа дава смисла и инспирација да продолжиш понатаму, додаваат моторџиите кои го посетија центарот.

Заедничките акции ги поврзуваат, моторџиите велат дека клубот функционира како единка, во бајкерскиот свет-сите се браќа.

– Овие акции нè прават посилни како клуб и како пријатели. Заедничката мисија создава доверба, почит и вистинско другарство, велат членовите на „Мечки“.

Дарувањето ги руши стереотипите

Од мотоклубот додаваат дека им било потребно време да ги срушат стеротипите, наметнати од филмската индустрија.

-Имавме чудни погледи кога влегувавме во објекти, но со нашата работа и дружење успеавме да ја надминеме таа перцепција. Со хуманитарните активности покажуваме дека моторџиите не се опасни или затворени луѓе, туку личности со големо срце, солидарност и желба да помогнат и да се дружат, дури и на минусни температури додека врне и вее, велат моторџиите.

Празниците се потсетник дека треба да се дарува и да се сподели радоста. Моторџиите повикуваат сите кои можат да го следат нивниот пример.

Изминативе години во соработка со европските моторџии донираа опрема за болницата, за старскиот дом и за други институции во Куманово и во градовите во земјава.

Александра МАКСИМОВСКА за МИА