Проширувањето со Украина, Молдавија, нашите партнери од Западниот Балкан и Турција, врз основа на воспоставената строга и фер условеност, претставува заокружување на визијата за обединување на Европа и ќе го прошири просторот на мир, демократија, безбедност и стабилност, се наведува во приоритетите на претседавањето на Кипар со Советот на ЕУ, што ќе трае од 1 јануари, до 30 јуни 2026 година.

– Проширувањето се покажа како една од најтрансформативните алатки на ЕУ, вклучително и во рамките на земјите кандидатки, одразувајќи ја нивната подготвеност за реформи и решавање на долгогодишни проблеми со своите соседи врз основа на европското право, вредности и принципи. Проширувањето во суштина претставува стратешка инвестиција во иднината на Европа, се додава во документот.

Во приоритетите на Кипарското претседателство се наведува и дека тоа е цврсто посветено на унапредување на агендата за проширување на кредибилен начин, преку испорака на опипливи резултати и врз основа на процес базиран на заслуги.

Кипарското претседателство, чие мото е „Автономна Унија. Отворена кон светот“, посочува дека Европската Унија мора да биде автономна, бидејќи една поавтономна Унија ќе ја покаже потребната внатрешна сила за соработка со надворешните партнери секогаш кога е можно, а истовремено ќе дејствува независно кога е потребно.

– Европската автономија е слоевита и повеќеслојна: од безбедноста и одбраната, преку енергијата и трговијата, до конкурентноста со зелената транзиција и дигиталните иновации со социјалната кохезија. Ова е моментот за Европа да ја дефинира и преобликува својата иднина преку траекторија на асертивна автономија. Ова е она што се очекува од глобален лидер и стабилен предвидлив партнер, кој цврсто го поддржува мултилатерализмот и целосно е посветен на Повелбата на ОН, меѓународното право, вклучително и меѓународното право на морето. Ова се водечките принципи за градење сила преку робусни партнерства од принципиелна почетна точка, се наведува во Приоритетите на Кипарското претседателство.

Во документот приоритетите на кои ќе работи Кипар со „амбициозен пристап ориентиран кон резултати“, се групирани во пет целини: Автономија преку безбедност, одбранбена подготвеност и спремност; Автономија преку конкурентност; Отвореност кон светот, автономност; Автономна Унија на вредности што никого не остава на страна; и Долгорочен буџет за автономна Унија.

Автономија преку безбедност, одбранбена подготвеност и спремност

Според Кипарското претседателство, поавтономна Европа е и побезбедна Европа, па затоа за да ги заштити своите граѓани и да ги одбрани своите интереси, ЕУ мора да го зајакне својот капацитет за да дејствуваме независно кога е тоа потребно, без страв од намалување на зависноста и со самодоверба и способност да осигури дека може да се заштити себеси.

 

– Безбедноста повеќе не е еднодимензионален или конвенционален концепт. Засилените хибридни напади, неодамнешните нарушувања на воздушниот простор на ЕУ, заедно со тековната руска агресија врз Украина, се манифестации на предизвиците за безбедносната архитектура на Европа. Овие закани ја нагласуваат итноста од зајакнување на одбранбената подготвеност и стратешката автономија на Унијата, намалување на зависностите и подобрување на капацитетот на ЕУ за ефективен и проактивен одговор, се додава во документот.

Кипарското претседателство нагласува дека ќе ги поддржи клучните одбранбени иницијативи и проекти на ЕУ од заеднички интерес и ќе даде приоритет на спроведување на Белата книга за иднината на европската одбрана и придружниот Патоказ за подготвеност 2030.

Во документот се нагласува и потребата од недвосмислена посветеност на меѓународното право, при што се потенцира дека „двојните стандарди не се компас на ЕУ“, како и од зајакнување на трансатлантските односи, како камен-темелник на европската безбедност и од унапредувањето на понатамошната соработка меѓу ЕУ и НАТО.

– Мора да се осигураме дека трансатлантските односи се развиваат, се приспособуваат и се трансформираат на инклузивен, реципрочен, транспарентен и меѓусебно корисен начин. Кипарското претседателство ќе промовира поголема кохерентност и транспарентност во ангажманот со истомислечки глобални партнери, со што ќе се прошири нашата стратешка перспектива. Поголемата автономија на Унијата создава поголема вредност за нашите партнери, се нагласува во текстот.

Во тој контекст, меѓу приоритетите се наведени и имплементацијата на стратегиите на ЕУ за поморска безбедност, за отпорност на водите и за подготвеност, зајакнувањето на економската безбедност, ефикасното управување со миграцијата преку целосното спроведување на Пактот за миграција и азил, заштита на демократијата од дезинформации, странско мешање, притисоци врз слободата на медиумите, говорот на омраза и изборни манипулации, како и борба против сите форми на дискриминација, нетолеранција, расизам, ксенофобија и омраза и против организираниот и транснационалниот криминал, тероризмот и насилниот екстремизам.

Автономија преку конкурентност

Кипарското претседателство смета дека само поконкурентна Унија може да доведе до поавтономна Унија, па затоа конкурентноста на Европа е основа за отпорност и автономно дејствување.

– Поконкурентна Европа ќе биде во подобра позиција да обезбеди одржлив раст и да ги оствари своите стратешки цели. Мора да ја искористиме оваа генерациска можност, дејствувајќи решително и итно за да ја зголемиме нашата конкурентност во светот, се потенцира во документот.

Според Никозија, за зајакнување на конкурентноста на Европа потребна е јасна и предвидлива регулаторна рамка што ќе им овозможува на бизнисите да се фокусираат на инвестиции, иновации и глобална конкуренција и ќе придонесе за изградба на поагилен и понезависен европски индустриски екосистем.

 

Кипарското претседателство ќе даде приоритет на поедноставувањето на регулативата, заокружувањето на Единствениот пазар како клуч за понатамошна европска интеграција, модернизација на индустријата, зголемувањето на финансиската автономија на Европа, продлабочување на пазарите на капитал и унапредување на Унијата за штедење и инвестиции, зајакнувањето на енергетската безбедност и диверзификацијата на изворите на енергија, унапредување на меѓурегионалната поврзаност, зацврстување на дигиталниот суверенитет и преминот кон одржливо и ефикасно производство со ниски емисии на јаглерод.

Отвореност кон светот, автономност

Автономијата, според Кипарското претседателство, не значи свртување кон себе, туку ангажирање во светот од позиција на обединетост и стратегија и со зајакнување на стратешка способност на Европа да ги обликува меѓународните случувања, додека во исто време останува цврсто посветена на соработката.

– Автономијата подразбира моќ преку партнерство, а во исто време обезбедува основа за промовирање на основните интереси низ целиот свет. Кипарското претседателство е подготвено да ја зголеми видливоста на ЕУ и да дејствува како овозможувач за зајакнување на улогата на Унијата како стратешки глобален актер преку подобро користење на нејзините алатки и градење силни партнерства низ сите региони во светот, се наведува во кипарските приоритети.

Покрај веќе споменатата посветеност на проширувањето, централен приоритет на Претседателството ќе биде и Украина, преку унапредување на дипломатската, политичката, економската, воената, енергетската и хуманитарната поддршка за земјата.

– Поддршката на ЕУ за напорите на Украина за праведен и траен мир, со целосно почитување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата во рамките на нејзините меѓународно признати граници, останува непоколеблива, се додава во документот.

Кипарското претседателство ќе се насочи и кон отворање на Унијата кон „сите нејзини соседи на Исток и Југ“, преку воспоставување посилно и постратешко партнерство со Јужното соседство, промоција на економскиот коридор „Индија-Блиски Исток-Европа“ (ИМЕК), зајакнување на партнерствата на Блискиот Исток, во реонот на Персискиот Залив и во Азија и Африка, како и кон поттикнување на меѓукултурниот и меѓуверскиот дијалог како витален елемент на меѓусебно разбирање, социјална кохезија и регионална стабилност.

 

Никозија ќе ги поддржи и напорите за продлабочување на соработката со САД, Велика Британија и другите партнери во заедничкото справување со предизвиците за мир и стабилност низ целиот свет, а ќе се посвети и на зајакнување на внатрешниот пазар на Унијата и на диверзификација на надворешните партнерства за намалување на стратешките зависности.

Автономна Унија на вредности што никого не остава на страна

– Силата на нашата автономна Унија лежи во нејзините луѓе и во активното вклучување на секој Европеец. Автономната Унија не остава на страна еден граѓанин. Таа постои за да ги заштити нашите заеднички вредности, да го зајакне учеството и да создаде поволна средина во која сите можат да напредуваат, посочува Кипарското претседателство.

Она што ја поврзува ЕУ, според Кипар, се основните вредности вградени во принципите на владеењето на правото, основните права и демократијата, како предуслови за просперитет и целосно учество на сите Европејци во заедничкото општество.

– Кипарското претседателство ќе работи на зајакнување на владеењето на правото низ целата Унија, градејќи врз основа на постојните алатки и механизми, а воедно унапредувајќи го духот на доверба и соработка меѓу сите земји членки. Вистински автономна Европа зависи од силна социјална кохезија, каде што ниту едно лице или регион не е изоставено. Ова значи справување со сиромаштијата и обезбедување пристап до прифатливи станови и енергија, се додава во документот.

Во овој поглед, Кипарското претседателство ќе се фокусира на имплементација на Европскиот план за прифатливо домување, на Стратегијата за борба против сиромаштија и на Европскиот столб на социјални права, заштитата на децата преку справување со детската сиромаштија и обезбедување пристап до прифатливо и висококвалитетно образование, изработка на Акциски план за справување со кибер малтретирањето, изградба на инклузивно општество со еднакви можности за сите, промоција на родовата еднаквост, отстранување на бариерите за лицата со попреченост и поддршка на активно и достоинство стареење.

– Автономијата на ЕУ зависи и од обезбедувањето дека нејзините луѓе имаат вештини и услови за приспособување кон новите реалности. Бидејќи дигиталните и зелените промени ги преобликуваат нашите економии, инвестирањето во висококвалитетно образование, обука и доживотно учење е од суштинско значење за конкурентноста и заедничкиот просперитет. Кипарското претседателство ќе ги унапреди иницијативите во согласност со Унијата на вештини, промовирајќи фер и инклузивно вработување, со соодветни услови за работа, се додава во приоритетите.

 

Покрај ова, Кипарското претседателство ќе работи и на поддршка на земјоделците и рибарите, зајакнување на улогата на младите луѓе во обликувањето на иднината на Европа, изградба на здравствени системи, што ќе обезбедат координиран одговор на идни здравствени кризи и пристапот до медицински производи и посветеност на зачувување на менталното здравје, со посебен фокус на младите.

Долгорочен буџет за автономна Унија

Според Кипарското претседателство, стратешката автономија бара и соодветно финансирање за заеднички цели на ЕУ, па затоа тоа целосно ќе се посвети на преговорите за Повеќегодишната финансиска рамка на блокот за периодот 2028-2034 година, како стратешката мапа и клучен инструмент што ги претвора долгорочни цели на Унијата во конкретни активности.

– Способноста на ЕУ да ги заштити своите интереси, да ги намали критичните зависности, да се натпреварува и брзо и независно да реагира на кризи и безбедносни ризици, а истовремено да се приспособи на идните проширувања, мора да биде во сржта на новиот долгорочен буџет. Надоврзувајќи се на постигнатиот напредок, Кипарското претседателство значително ќе ги унапреди преговорите за сите секторски законодавни досиеја од предложената Рамка. Во тој поглед, ќе работиме конструктивно и на транспарентен начин со сите релевантни актери за да обликуваме избалансирана Рамка, се наведува во документот,

Никозија има амбиција да подготви добро развиена преговарачка основа со индикативни бројки и да го трасира патот за навремено завршување на преговорите за буџетската рамка. Целта на институциите на ЕУ е преговорите за идниот буџет да завршат до крајот на 2026 година

***

Кипар, во пресрет на преземањето на Претседателството посочи дека денес ЕУ се соочува со акутни геополитички превирања и непредвидливост, што не е момент без преседан, бидејќи Европа и претходно се соочуваше со сложени и егзистенцијални кризи, но дека таа успеа да одговори на барањата на времето преку еволуција и засилен напредок.

– Ново е интензитетот, плуралноста и сложеноста на предизвиците и она што овој момент го бара од нашата Унија. Автономијата е неопходниот следен чекор од нашиот еволутивен проект за европска интеграција. Европа без поделби. Поавтономна Унија ќе ја покаже потребната внатрешна сила за соработка со надворешни партнери секогаш кога е можно, а истовремено ќе дејствува независно кога е потребно. Автономијата раѓа сила, а од таа сила ќе произлезе поголема автономија, наведе Кипарското претседателство со Советот на ЕУ.

Никозија најави и дека како претседавач со Унијата ќе дејствува како одговорен и чесен посредник, за да се осигури дека „предизвиците се трансформираат во можности и дека амбицијата е усогласена со акција и опипливи резултати“.