Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на првиот работен од Новата година оствари работни посети на полицискиот објект на планинскиот врв Солунска глава, Главниот оперативен штаб на полицијата и Полициската станица Центар.

Во разговорот со полициските службеници на Солунска глава беа потврдени високата професионалност и посветеноста во извршувањето на службените задачи и одржување на телекомуникациските системи на МВР во функција со основна цел гаранција на безбедноста на мирот и безбедноста на секој граѓанин во државата.

На посетата во Главниот оперативен штаб на полицијата министерот Тошковски беше запознаен со севкупните настани и активности на полицијата ги презема во одржување на безбедноста како во празничниот така и на новогодишната вечер со заклучок дека новогодишната ноќ во најголем дел помина безбедно.

„Во периодот од 14:00 часот вчера до 05:00 часот денеска изутрина регистрирани се 31 кривично делo, како и 23 сообраќајни незгоди од кои две со тешки телесни повреди. Приведени се вкупно 49 лица по разни основи, а најмногу во врска со нелегална трговија со дрога и нарушен јавен ред и мир. Тоа се бројки кои кажуваат дека огромното мнозинство граѓани се однесуваа одговорно и со тоа придонесоа за лична и заедничка безбедност. Од друга страна зголеменото присуство на полицијата на терен придонесе да имаме мал број на настани за нарушување на јавниот ред и мир.“, истакна министерот Тошковски.

При посетата на Полициската станица Центар, министерот Тошковски од раководството на СВР Скопје беше запознаен со конкретните активности за одржување на безбедноста на граѓаните во главниот град. Министерот Тошковски ги потенцираше позитивните ефекти на системот „Безбеден град“ кој и во тест фазата значително ги има намалено бројките на сообраќајни незгоди со жртви и тешки телесни повреди.

„Вкупниот број на сообраќајни незгоди којшто е настанат на територија на СВР Скопје во изминатиот месец споредено со месец декември 2024 е намален за околу 20% а вкупниот број на повредени лица во тој период е намален за 37% проценти. Жртви како последица на сообраќајни незгоди во декември 2024 имало пет на територија на Скопје, а во декември 2025 година нема ниедна и со тоа искажувам огромна благодарност на македонските граѓани што управуваат возила на жртвите што ги имаат спасено со одговорното возење и учество во сообраќајот“, потенцираше министерот Тошковски.