Би сакал оваа дискусија, под одредени услови, да беше и попроширена. Единственото што ќе го кажам е дека, на крајот, знаете, развојот на настаните го обликуваат присутните, а не отсутните и затоа ние секогаш разговараме со оние кои се расположени да разговараат со нас и очигледно не можеме никого да принудиме да дојде и да се вклучи во дијалог кон кој, од свои причини, можеби и не се стреми, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со земјоделците, кои се дистанцираат од останатите блокови, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за средба со претставници на околу 18 блокови од целата земја, односно со оние кои уште од минатиот месец се одвоија од останатите земјоделци и побараа дијалог со владата.
Останатите земјоделците од над 55 блокови доцна синоќа одлучија да не дојдат на состанокот затоа што, како што тврдеа, владините ограничувања за бројот на претставници ги поткопуваат изгледите за значаен дијалог и паралелно најавија заострување на протестите.
Со оние кои дојдоа во премиерската палата, Мицотакис рече дека ќе имаат можност за „суштинска и продуктивна дискусија за бројните проблеми со кои се соочува примарниот сектор во земјата“.
– Мислам дека ова ќе биде и добра можност да направиме преглед на начинот на кој Владата одговори на голем дел од барањата на секторот, но исто така ме интересира да слушнам од вас и како дадените решенија можат поефикасно да се применат, да видиме каков простор за подобрување постои и да видиме на кој степен има посебни локални прашања кои евентуално можат подетално да се разгледаат и на други средби што ќе ги имате со нашиот тим, посочи Мицотакис.
Додаде дека потребна е и поширока дискусија за иднината на примарниот сектор и неговата модернизација и како тоа може да се пренесе од теорија во пракса.




