Екстремно ниските температури и ледениот дожд предизвикаа целосен прекин на авиосообраќајот во делови од Централна Европа. Аеродромите во Виена, Будимпешта и Братислава утринава беа принудени привремено да ги затворат своите писти, оставајќи илјадници патници заглавени.
Најкритична е состојбата на аеродромот во Виена, каде на пистите се формирал дебел слој мраз кој постојано замрзнува, оневозможувајќи безбедно полетување и слетување. Екипите на терен водат интензивна битка со мразот, а летовите засега се пренасочуваат кон алтернативни дестинации.
Според последните најави од аеродромските власти, се очекува нормализирање на сообраќајот во текот на денот, доколку временските услови дозволат ефикасно чистење на критичните точки.




