Во парагвајскиот главен град Асунсион денеска во присуство на првите луѓе на Европскиот совет и на Европската комисија, Антонио Кошта и Урсула фон дер Лајен и на претседателот на Парагвај, Сантијаго Пења Паласиос, ќе се одржи церемонија на потпишување на Договорот за партнерство ЕУ-Меркосур (ЕМПА) и на Привремената трговска спогодба меѓу двете страни (ИTA).
Според најавите, во името на ЕУ договорите ќе ги потпише еврокомесарот за трговија, економска сигурност, меѓуинституционални односи и транспарентност Марош Шефчович.
Во пресрет на потпишувањето на документите, претседателот на Европскиот совет, Кошта изјави дека со овој чин се создава најголемата зона на слободна трговија во светот, што претставува одлична вест за двете страни на Атлантикот.
– Тоа ќе донесе вистински придобивки за европските граѓани и бизниси, ќе го зајакне суверенитетот и стратешката автономија на ЕУ и ќе ја обликува глобалната економија во согласност со нашите заеднички вредности, истакна Кошта.
Според него, со овие договори ќе бидат зајакнати правата на работниците и заштитата на животната средина и европските земјоделци, со што ќе се покаже дека трговските партнерства базирани на правила се добитни за сите.
– Повеќе од 700 милиони луѓе ќе имаат корист од договорите меѓу ЕУ и Меркосур. Европа е отворена за бизнис и гради мостови кон заеднички просперитет со нашите глобални партнери, додаде Кошта.
Договорите, усогласени по 25 години преговори, ќе воспостават рамка за политички дијалог, соработка и трговски односи во едно модерно и сеопфатно партнерство меѓу Европската Унија и организацијата на јужноамериканскиот заеднички пазар Меркосур.
– Тоа е важна пресвртница во долгогодишните односи на ЕУ со партнерите од Меркосур – Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, што ја одразува посветеноста на Европската Унија за градење партнерства низ целиот свет за диверзификација на трговијата и потврдување на мултилатерален поредок базиран на правила, се наведува во најавата на Европскиот совет.
По денешното потпишување, договорите треба да бидат одобрени од страна на Европскиот парламент за да може да се пристапи кон нивна ратификација од страна на Советот на ЕУ.
Првиот предизвик во однос на тоа ќе биде в среда за време на пленарната сесија на ЕП во Стразбур, кога европратениците треба да се изјаснат за предлогот за барање мислење од Европскиот суд на правдата за усогласеност на договорите со Меркосур со основачките документи на ЕУ.




