Транспарентен, отчетен, професионален, квалитетен и ефикасен јавен сектор во служба на граѓаните, ориентиран кон резултати, е целта на Предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, рече денеска генералниот секретар на Владата Игор Јанушев.
На јавната дебата за Предлог-законот, Јанушев потенцира дека целта е обезбедување еднаков пристап до функциите и именувања според заслуги, како и непристрасно и одговорно вршење на работите на органите на државната управа во насока на јакнење на владеењето на правото и унапредување на ефикасноста на сите органи.
-Функциите на високите раководители треба и мора да се достапни за сите заинтересирани кандидати под еднакви услови. Именувањето на висок раководител е предвидено да се врши во транспарентна, фер и конкурентна постапка за селекција со што се гарантира изборот на најуспешниот и најдобриот кандидат, подвлече Јанушев.
Со законот, дополни, се воведуваат јасни и унифицирани правила за избор на директори, членови на колегијални органи, управни одбори и државни секретари.
-Со ова се стремиме кон намалување на влијанието при именување на високите раководители. Евидентна е посветеноста и заложбата на оваа Влада на реформите на јавната администрација, истакна Јанушев.
Пред генералниот секретар на Владата, се обрати министерот за јавната администрација Горан Минчев, презентирајќи го Предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите.




