Случајот со Клиничката болница Жан Митрев, во кој сегашниот претседател на СДС, Венко Филипче, а за време на владата предводена од СДС се обидувал да ја преземе здравствената установа претставува сомнеж за злоупотреба на моќта и директен удар врз владеењето на правото. Филипче веројатно ја подготвувал продажбата, со зголемување на буџетот на Клиничката болница, обвинува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
-Според информации до кои дојде ВМРО-ДПМНЕ, оваа Клиничка болница има најдобар буџет токму за време на владата на СДС, поточно кога Венко Филипче бил на власт. Што велат бројките? За 2015 година буџетот е 361.600.000 денари. Истиот се зголемува во 2017 година на 406.600.000 денари, а во 2018 година повторно се зголемува на 457.000.000 денари. Во 2019 година има уште едно поголемо зголемување или 612.000.000 денари, за во 2020 година достигне 682.000.000 денари или скоро 11 милиони евра. Еве ги податоците и за наредните години: За 2021 година, 602.000.000 денари, за 2022 година, повторно 602.000.000 денари, за 2023 година, околу 548.000.000 денари, за 2024 година, околу 515.000.000 денари, а во 2025 година или минатата година е намален на 479.883.000 денари, истакна тој.
Петрушевски посочи дека бројките се повеќе од јасни и дека Филипче правел огромен прилив на средства кон Клиничката болница Жан Митрев.
-Замислете сето ова го правел човек кој требал да ја креира здравствената политика и кој бил директно одговорен за функционирањето на здравствениот систем. Филипче наместо грижа за граѓаните се занимавал која болница да преземе, како да ја изнуди од сопственикот со нудење помош за судска постапка што пак укажува за некакво целосно влијание врз системот. Со години слушаме за апетитите на другарите Заев и Филипче и кон приватниот здравствен сектор. Несомнено дека јавното обвинителство има многу работа. Обвинителството мора да се ангажира за овој и слични случаи, посочува пратеникот.




