Комисијата за одбрана и безбедност на денешната седница даде зелено светло за набавка на опрема за Армијата обезбедена од владата на САД усвојувајќи четири информации а потреба од договор меѓу двете влади и амандмани на постоечки договори.

Потребата од нова опрема и склучување договори, која вклучува Комуникациско-информациски системи – Тип 1 радио уреди, надградба на симулациска платформа во Центарот за симулации, набавка на комплет за контрола на здружен оган и комплет за наведување на здружени огнови и Договор за изградба на податочен центар на резервна локација и обезбедување на непрекинато функционирање на ГКИС на МО и Армијата, ги образложи министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој истакна дека опремата која ќе ја добие нашата армија е грант обезбеден од Владата на САД.

-Тоа се обврски кои произлегуваат од Пакетот на цели на способност од 2021 година за кои е определено дека армиските расподеливи единици кои се декларирани за НАТО мора да располагаат со безбедни тактички радио комуникации кои се интероперативни за НАТО структурата и за командување и контрола. Се предвидува набавка на 31 парче радио уреди и 6 парчиња за полнење со крипто клучеви за опремување на лесната пешадиска баталјонска група со комуникациска опрема, рече министерот Мисајловски.

Вкупната вредност на опремата што ќе ја добие армијата на нашата земја изнесува над 10,4 милиони американски долари.

Со денешната седница раководеше претседателот Павле Арсовски, а сите информации беа едногласно усвоени од членовите на Комисијата за одбрана и безбедност.