Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска на прес-конференција ќе го најави претстојниот Саем за туризам – рурални домаќинства во Македонија што ќе се одржува викендов во Скопје.
На прес-конференцијата ќе зборуваат и директорот на Земјоделскиот институт – Скопје, Душко Неделковски, амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер, како и заменик-шефот на мисијата во Амбасадата на Швајцарија, Михал Харари.
Претставени ќе бидат целите, програмата и значењето на Саемот за туризам, со посебен акцент на развојот на руралниот туризам, поддршката на руралните домаќинства и домашните производители на органски производи, како и на меѓународната соработка во оваа област.
Саемот утре и задутре, на 31 јануари и 1 февруари, на едно место ќе ги обедини најавтентичните рурални приказни од Македонија, ќе ги приближи руралниот и искуствениот туризам до пошироката јавност и ќе покаже дека патувањето не е само дестинација, туку и доживување, поврзување и учество во секојдневниот селски живот. Ќе ги претстави малите рурални домаќинства со капацитет до 20-ина легла, автентичните семејни винарници со можност за групни и индивидуални дегустации, ресторанските услуги и сместувањето, но и земјоделските и руралните бизниси кои, како што велат организаторите, нудат мир, природна убавина и топло селско гостопримство.
Презентирани ќе бидат органски производи, традиционални преработки, локални деликатеси, вина и ракии од различни региони на земјата, со цел промоција на локалното производство и директно поврзување на посетителите со производителите.
Предвидена е богата програма наменета за домашни и странски посетители, туристички професионалци, семејства и за сите љубители на автентични рурални доживувања, а влезот е бесплатен.
– Посетителите ќе може да се информираат за можностите за краток и подолг престој и да откријат вистински рурални доживувања – месење пита, печење леб на традиционален македонски начин, адреналински активности во природа, часови по традиционално готвење, берење јаболка и други автентични искуства, наменети за сите генерации. За љубителите на природата, добрата храна и врвните вина, искуствениот туризам е многу подобра алтернатива од масовниот туризам, кој најчесто нуди брзи и површни посети. Искуствениот туризам создава подлабока, поискрена и подолготрајна релација меѓу посетителот и местото, им овозможува на туристите да станат дел од секојдневието на локалната заедница – да учествуваат во подготовка на традиционална храна, да научат занает, да слушнат лични приказни и да доживеат култура што не може да се најде во туристички брошури или во големите хотелски комплекси, каде што посетителот е само бројка – истакнуваат организаторите.
Ваквиот пристап, според нив, носи повеќекратни придобивки: поквалитетно туристичко искуство, поддршка на локалната економија, зачувување на културното наследство и помал притисок врз природните ресурси создавајќи одржлив модел на туризам што им користи и на гостите и на домаќините.
За време на саемот сите посетители ќе добијат ваучер со 15 отсто попуст и на производите и на услугите што руралните домаќинства ги нудат. Покрај попустите, посетителите ќе имаат можност да дегустираат органски производи, вина, ракии, традиционални специјалитети и домашни преработки од разни региони на Македонија директно од луѓето што ги одгледуваат, произведуваат и создаваат.
– Секој производ носи своја приказна, регионален идентитет и знаење пренесувано на генерациите. Овој саем е дел од пошироката визија за одржлив и креативен туризам, развој на туризмот по должината на трасата Е-75, развој на руралните средини и акцентирање дека посетителот во Македонија не е само гостин, туку активен учесник – некој што останува подолго, учи, вкусува и се поврзува со местото и луѓето – наведуваат организаторите.
Саемската програма е збогатена со музички и стендап-перформанси, како и со детски катчиња.
Во рамки на саемот ќе бидат достапни детаљни информации за организирани активности во руралните домаќинства, настани во природа за групи и поединци, гастрономски и вински пакети, оригинални работилници за деца и возрасни.
Саемот за туризам – домаќинства во рурални средини е организиран од „Јавна соба“ – Скопје, Министертвото за култура и туризам, Земјоделскиот институт – Скопје, Амбасадата на Република Словенија и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.




