Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе воспостават стратешки резерви на ретки земни елементи и други критични минерали во вредност од 12 милијарди долари, со цел да се намали зависноста од Кина, која контролира голем дел од преработката на овие метали.
Резервите, како што рече Трамп синоќа во Белата куќа, се наменети да спречи недостиг во снабдувањето за американските компании. Најголемиот дел од финансирањето, 10 милијарди долари, ќе дојде од американската банка „Export-Import“, додека приватните инвеститори ќе ги покријат преостанатите две милијарди долари.
Според планот, американските компании ќе можат да купуваат критични минерали од резервите по однапред договорени цени, што ќе ги заштити од глобални прекини во снабдувањето и флуктуации на цените. Од компаниите ќе се очекува да ги надополнат резервите по нивното користење, пренесе ДПА.
Ретките земни метали се користат во низа хај-тек производи, вклучувајќи магнети, електрични возила и електроника. Други минерали кои се сметаат за критични се литиумот и кобалтот.
Трамп рече дека САД склучуваат договори за критични минерали со земји ширум светот. Стејт департментот на САД соопшти дека утре во Вашингтон ќе одржи состанок на оваа тема со „делегации од над 50 земји“.




