Министерот за одбрана Владо Мисајловски во наредните два дена, на покана на министерката за одбрана на Кралството Шпанија, Маргарита Роблес Фернандес, ќе присуствува на отворањето на третиот по ред глобален меѓународен Самит за вештачка интелигенција во областа на одбраната – REAIM, кој оваа година се одржува во А Коруња, Шпанија.
Меѓународниот самит е во организација на министерствата за одбрана и за надворешни работи на Шпанија.
За време на престојот во Шпанија, информираат од Министерството, предвидено е Мисајловски да оствари средба со министерката Фернандес со цел унапредување на билатералната одбранбена соработка.
REAIM е глобален меѓународен самит каде што високи претставници на држави, меѓународни организации, експерти од академската заедница, приватниот сектор и граѓанското општество се состануваат за да разговараат како вештачката интелигенција (AI) да се развива и да се користи во воени цели на начин што ги поддржува меѓународниот мир и безбедноста.




