Повеќе од две третини од луѓето што живеат во домаќинствата на ЕУ поседуваат свој дом, наспроти 32% кои живеат во изнајмени станови. Во Македонија околу 87 % живеат во свој дом, а 12,9% под кирија, покажуваат податоците на Евростат.
Според последните достапни податоци на Евростат, во 2024 година, повеќе од две третини (68%) од населението што живее во домаќинствата на ЕУ поседувало свој дом, што е малку помалку од 69% во 2023 година. Останатите 32% живееле во изнајмени станови, што е зголемување од 31% во претходната година.
Поседувањето дом е почесто во сите земји од ЕУ, освен во Германија, каде што преовладува изнајмувањето, при што 53% од населението се закупци. По Германија следуваат Австрија (46%) и Данска (39%).
За Македонија и земјите од регионот, последни достапни податоци на Евростат, се за 2023 година, такашто најголем дел од луѓето живеат во сопствен дом во Албанија – 95,5%, потоа следува Хрватска – 91,2%, Србија – 89,9%, Македонија – 87,1%, Бугарија – 86,1% и Грција – 69,6%.
Под кирија најголем дел од населението во 2023, во регионот, живееле во Грција – 30,4%, потоа следуваат Бугарија – 13,9%, Македонија – 12,9%, Србија – 10,1%, Хрватска – 8,8% и Албанија – 4,5%.




