Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, во рамките на 62. Минхенска безбедносна конференција, оствари средба со раководството на 4IG.

Како што информира премиерот на социјалните мрежи, разговарале за пакет од 100 милиони евра инвестиции во неколку сфери во земјата.

– Во Минхен остварив средба со раководството на 4IG. Разговаравме за пакет од 100 милиони евра инвестиции, освен во телефонијата и во сферата на вештачката интелигенција и енергетиката.  Македонија мора да ја развиваме. Се бориме за секоја шанса за подобра иднина за граѓаните! – напиша Мицкоски на „Фејсбук“.

Претходно, премиерот оствари работна средба со менаџментот на германскиот гигант „Шварц груп“ под кого работат светски познатите брендови „Лидл“ и „Кауфланд“.

During the 62nd Munich Security Conference, Prime Minister Hristijan Mickoski met Friday with the management of Germany’s Schwarz Group, the parent company of Lidl and Kaufland.

Како што објави премиерот, разговарале за нивните планови за инвестиции, отворање нови работни места и модернизација на трговскиот сектор во нашата земја.

Премиерот Мицкоски од денеска престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

Мицкоски е придружуван од министрите за одбрана, Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Во рамките на конференцијата шефот на Владата ќе оствари повеќе билатерални средби со европски лидери, високи претставници и раководители на меѓународни безбедносни институции. Разговорите, како што информираат од Владата, ќе бидат фокусирани на регионалната геополитичка стабилност и улогата на нашата држава како фактор на стабилност на Западен Балкан и активен член на НАТО.

На маргините на Минхенската безбедносна конференција планирани се и средби со високи претставници на Европската Унија, како и со шефови на држави и влади.

Фото: Фејсбук на премиерот Христијан Мицкоски