Британскиот премиер Кир Стармер на Минхенската безбедносна конференција изјави дека Русија направила стратешка грешка со војната против Украина, во која згинаа повеќе од еден милион луѓе.
Тој додаде дека и покрај исцрпувачкиот судир Русија забрзано се вооружува и ги обновува своите воени капацитети.
Стармер наведе дека Русија до крајот на деценијата би била подготвена да употреби сила против НАТО.
– Сепак Западот не бара судир. Нашата цел е траен мир, враќање на стратешката стабилност и владеењето на правото, посочи Стармер.
Тој додаде дека заканите од Русија не завршуваат на фронтот, туку Москва преку хибридни, кибернетички напади и саботажи низ цела Европа го попречува секојдневниот живот.
Стармер се осврна и на европската одбрана, опишувајќи ја Европа како „заспан џин“ со огромен одбранбен потенцијал, што најчесто е неискористен поради фрагментирано индустриско планирање и набавки, што доведува до преклопувања и неефикасност. Тој наведе дека Европа има повеќе видови борбени авиони, фрегати и дури десет различни модели на борбени тенкови, додека САД користат само еден.
– Европа мора подобро да ги координира своите капацитети и инвестиции за целосно да ги искористи своите силни страни и да ја обезбеди долгорочната стабилност на континентот – истакна Стармер.
фото: Архива




