Невообичаено топло време зафати делови од Западна Европа, каде што на крајот на февруари регистрирани се температури типични за пролет, па дури и за лето, а на некои места се соборени и месечните рекорди.

Во југозападниот дел на Франција вчера се измерени температури меѓу 25 и речиси 30 Целзиусови степени, значително над сезонскиот просек, пренесува денеска „Паризиен“.

На главните мерни станици рекордите за февруари, кои се движат меѓу 27 и 29 степени, не се соборени, но температурите значително им се приближија. Сепак, на некои секундарни станици се забележани нови февруарски рекорди. Во Сен Глади се измерени 29,6 Целзиусови степени, со што е надминат претходниот рекорд од 27 Целзиусови степени. Во Ортез се забележани 28,3 Целзиусови степени, а во Ломе 26,3, со што се надминати претходните максимални вредности за февруари.

Метеоролозите наведуваат дека ваквата ситуација е последица на комбинација на атмосферски и географски фактори. Над Франција се задржува антициклон, а циклон кај брегот на Португалија насочува топол воздух од северот на Африка кон Западна Европа.

Дополнително загревање предизвика и таканаречениот фен-ефект на француската страна на Пиринеите. За наредните денови се прогнозира пад на температурата на југозападот на Франција за пет степени, а во северните делови на земјата би можело да дојде до понатамошен пораст, со можност за нови февруарски рекорди.

Истовремено, невообичаено високи температури се забележани и во Швајцарија. На мерната станица во Цеви, во кантонот Тичино, температурата вчера помина 20 Целзиусови степени, што е првпат оваа година.

Според податоците на Сојузната служба за метеорологија и климатологија „Метеосвис“, прагот од 20 Целзиусови степени на јужната страна на Алпите е достигнат речиси три недели порано отколку што е просекот за периодот од 1991 до 2020 година кога таа вредност во просек се бележи околу 15 март.

Експертите напоменуваат дека датумот на првото достигнување на 20 степени може значително да варира, така што во 2013 година таа граница е помината веќе на 4 јануари, а во 1941 година температурата над 20 Целзиусови степени првпат е забележана дури на 21 мај.

Фото: Архива